Недозволиво е оние што ги почитуваат мерките да бидат во ризик од оние што тоа не го прават, вели министерот за здравство нагласувајќи дека, со непридржување до мерките, се ризикува враќање на рестрикциите
Исправени сме пред два избора – да се навикнеме безусловно да ги почитуваме мерките за заштита на здравјето кои се предуслов за нормализирање на состојбата или со непочитување на мерките да ризикуваме повторно враќање назад кон рестрикции и остри мерки, објави министерот за здравство Венко Филипче на Фејсбук.
„Само заедно можеме да ја надминеме оваа состојба. Верувам дека од оваа криза ќе излеземе многу посилни и помудри и ќе разбереме колку се важни граѓанската солидарност, поддршката на институциите и меѓусебното помагање“,
додава Филипче во објават.
Филипче оцени дека животот почнува да се враќа во нормала и почнуваат да се отвораат бизнисите, се враќа слободното движење, а наскоро ќе се отворат и границите.
Тој потенцира дека анализите на епидемиолозите потврдиле оти состојбата е стабилна, а досегашната стратегија даде резултат.
„Го заштитивме здравствениот систем и ја одржавме епидемијата под контрола. Ова беше предуслов да ги олабавиме рестриктивните мерки. Но, мерките за лична заштита остануваат да важат и мора целосно да се почитуваат. Задолжително носење маска или прекривка на устата и носот, одржување физичка дистанца, редовна хигиена и дезинфекција на рацете се мерки кои остануваат дел од нашето секојдневие. Со овие мерки ние продолжуваме понатаму и со нив ќе се заштитиме“,
истакна министерот Филипче.
Филипче нагласи дека вирусот нема да замине и со него ќе мора да научиме да живееме и тоа подолг временски период. Ова значи дека одговорноста на граѓаните е сега уште поголема.
„Недозволиво е оние што ги почитуваат мерките да бидат во ризик од оние што тоа не го прават. Апелирам и до надлежните институции дека сите прекршувања кои го загрозуваат јавното здравје мора да се санкционираат. Сакам на сите да им биде јасно, со заштита на сопственото здравје ги штитите сите околу вас, спасувате животи на вашите блиски, на вашите сограѓани и им помагате на здравствените работници. Ова е наша заедничка борба. Само заедно можеме да ја надминеме оваа состојба. Верувам дека од оваа криза ќе излеземе многу посилни и помудри и ќе разбереме колку се важни граѓанската солидарност, поддршката на институциите и меѓусебното помагање“,
посочи Филипче.
