Студентите од шеста година по општа медицина, кои ќе помагаат во борбата против ковид-19, денеска се сретнаа со министерот за здравство Венко Филипче.
„Многу ми е мило што идните здравствени работници се толку свесни и ја препознаваат својата важна општествена улога во моменти на криза“,
напиша Филипче на својот фејсбук-профил.
Тој посочи дека нивниот придонес е многу значаен и им посака успешна работа.
Филипче синоќа изјави дека не недостигаат доктори и сестри, има списоци за ротации на медицински персонал, но посочи дека ќе се вклучат и студенти за да им помагаат на епидемиолозите во правење на анкетите.
„На секој кому му е потребна брза дијагностика може веднаш да дојде во болница, тука има брзи тестови, а исто така и на Институтот за јавно здравје. Секојдневно ги следиме термините, дополнително дополнуваме таму каде што се потребни, верувам дека со брзите тестови ова значајно ќе се смени“,
рече Филипче.
Нивниот ангажман ќе биде помош на колегите епидемиолози во телефонска комуникација со пациентите, изработка на епидемиолошки анкети и обработка на податоците.