Дополнително, Филипче смета дека зоната од 400 метри е недоволна и апелираше да се воспостави зона од 500 до 2 000 метри во која ќе има јасен протокол: затворање на училишта ако е потребно, дистрибуција на маски, ограничување на движење и активирање на систем за јавно предупредување со СМС-пораки и локални медиуми

Состојбата по вчерашниот пожар во Трубарево е сериозна и бара итна, координирана реакција на институциите. Граѓаните имаат право да знаат што дишат и што внесуваат во организмот, но и да бидат заштитени од државата. Тоа е нивно основно човеково право, а должност на институциите е да им го обезбедат, порача лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
Според него, одговорноста не е само во гасењето на пожарот, туку и во справувањето со последиците, кои може да бидат долгорочни.
Тој преку својот фејсбук-профил побара од институциите да преземат неколку чекори.
„Прво, да се овозможи медицински преглед за сите жители во и околу Трубарево, особено за оние кои биле директно изложени на чадот и токсичните гасови. Второ, да се направат лабораториски анализи на воздухот, почвата и водата – со јасен фокус на диоксини, тешки метали и HF остатоци. И не само тоа – туку тие резултати да бидат транспарентно објавени. Трето, мора да се обезбеди и психолошка поддршка – за жителите, за пожарникарите, за сите што беа на лице место. Не можеме како држава да ги оставиме сами со траумата“,
посочи Филипче.
Дополнително, Филипче смета дека зоната од 400 метри е недоволна и апелираше да се воспостави зона од 500 до 2 000 метри во која ќе има јасен протокол: затворање на училишта ако е потребно, дистрибуција на маски, ограничување на движење и активирање на систем за јавно предупредување со СМС-пораки и локални медиуми.
„Очекувам и мобилни мерни станици кои ќе мерат загадување во реално време, особено по правците на ветерот. Исто така, потребно е долгорочно да се следи квалитетот на почвата и водата, да се обезбедат препораки до населението, дали смеат да користат земјоделски производи, дали е потребна дезинфекција на јавни површини, што можат сами да преземат. За крај, потребна е целосна истрага за тоа што се случи, зошто немало контрола, каде затаиле протоколите и кој ќе понесе одговорност. Наместо конфузни изјави и политички спинови, луѓето очекуваат одговори и решенија“,
напиша Филипче на Фејсбук.