За изработка на таквата платформа лидерот на СДСМ предложи конкретни чекори велејќи дека партијата е подготвена за натпартиска соработка која ќе го стави интересот на граѓаните и државата пред политичките манипулации и поделби
Филипче денеска излезе и со најава дека Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) од идната година ќе тргне во масовна теренска кампања која е дел од новата платформа на партијата

Лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија Венко Филипче денеска излезе со понуда до ВМРО-ДПМНЕ да направат заедничка натпартиска државна стратегија која ќе го гарантира долгорочниот развој на државата и ќе ги обедини политичките партии околу реални и издржани планови.
„Во изминатите шест месеци слушнавме понуди за повеќе национални платформи, декларации, некакви повици за обединување. Жално е кога се гледа како партиите од власта терминот обединување го користат всушност за политички поделби“,
рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција на која се осврна на работењето на Владата за шест месеци..
СДСМ, како што рече Филипче, нуди реално решение кое се темели на заедништво и долгорочна визија.
„Бидејќи СДСМ никогаш не била и нема да биде неконструктивна опозиција, еве јас ќе им дадам реална понуда, а не таква лажна за поделби. Ги повикувам да создадеме заедно државна стратегија и платформа која ќе биде натпартиска, наднационална и надетничка. Да создадеме заедничка платформа во која сите партии ќе имаат свој придонес и никој нема да ја поседува. Тоа е рецепт за вистинско обединување“,
изјави Филипче.
Филипче за изработка на таквата платформа предложи конкретни чекори велејќи дека СДСМ е подготвена за натпартиска соработка која ќе го стави интересот на граѓаните и државата пред политичките манипулации и поделби.
„Од денес им нудам формирање на тимови од сите парламентарни партии кои ќе работат на ваквата платформа, да ги дефинираме стратешките позиции во сите области. Да ги дефинираме клучните проекти и во здравството и во образованието и во надворешната политика. И сите заедно да излеземе пред граѓаните и да кажеме ова е планот за државата и ова се проектите кои ниедна влада ниту сега ниту во иднина нема да ги кочи и опструира“,
истакна Филипче.
Со овој пристап, според СДСМ, може да се обезбеди долгорочен развој и стабилност во државата.
„Само така ќе може да обезбедиме долгорочен развој. Само ако така сакаат да работат и ако се искрени во намерите ова ќе го прифатат. Ова е реален патриотизам“,
додаде Филипче.
Филипче денеска излезе и со најава дека Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) од идната година ќе тргне во масовна теренска кампања која е дел од новата платформа на партијата.
„Сакам да најавам масовна теренска кампања после празниците. СДСМ не смее и нема да ги заборави луѓето. Не смееме да ги оставиме на маргините и со чувство дека не може ништо да направат во ситуација кога власта не се грижи за нив и за реалните проблеми“,
рече Филипче.
Тој најави дека грешките од минатото ќе бидат исправени и оти СДСМ ќе ги врати луѓето во центарот на својата политика.
„Ова сака токму ВМРО-ДПМНЕ, да ги убеди дека мора да се помират со политиките пропагирајќи им дека ете тие биле непобедливи сега. Реалноста е сосема различна, животот е многу тежок, проблемите се товарат еден врз друг. СДСМ направи грешка со тоа што се оддалечи на некој начин од граѓаните кога беше на власт и таа грешка ќе ја исправиме,“
рече Филипче.
Според планот, рече Филипче, до крајот на годината ќе завршат сите внатрешни процеси во партијата, а потоа ќе следува теренската активност и промоција на новата платформа.
„До крајот на годината завршуваат сите процеси во партијата, а потоа ќе излеземе на терен и ќе ја промовираме нашата визија и нова платформа со која ќе понудиме реални решенија, нови луѓе и нови политики. Ова ќе биде политика на СДСМ каде граѓаните ќе бидат на прво место“,
заврши Филипче.
Од партијата велат дека ќе понудат реални решенија за подобрување на животниот стандард и развој на државата.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска алармираше за, како што рече, катастрофалните економски политики на Владата кои резултираат со огромна економска несигурност и слабеење на стандардот на граѓаните.
Според Филипче, по шест месеци се чувствува голема економска несигурност и слабеење на стандардот на граѓаните и обвини дека Владата на Мицкоски се води од интересите на економската елита.
Дополнително, рече Филипче, начинот на кој Владата се справува со покачувањето на цените и профитерството на трговците е доказ за неспособност и целосна незаинтересираност за благосостојбата на народот.