Филипче истакна дека хаосот во здравствениот сектор најдиректно ги погодува пациентите, кои се соочуваат со термини на кои долго чекаат и недостиг на лекови
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју за Радио Слободна Европа упати остри критики до власта поради актуелната состојба во здравствениот сектор, како и поради растот на цените, обвинувајќи ја владата за крајно неодговорно водење на здравствените политики и за непреземање конкретни мерки за заштита на куповната моќ на граѓаните.
Тој предупреди дека на чело на многу клиники се поставени директори без потребното искуство, што дополнително го влошува функционирањето на здравствениот систем.
„Донесени се и поставени менаџери или директори на клиниките коишто немаат искуство како се прави тоа. Има директори на клиники коишто ниту оперираат на хируршките клиники, немаат ниту една операција како се поставени на функција, а ги водат стручните колегиуми. Има директори коишто се пишуваат за дополнителни дежурства да земат само пари, без физички да бидат присутни на ниту едно дежурство на клиниките“,
посочи Филипче.
Филипче истакна дека хаосот во здравствениот сектор најдиректно ги погодува пациентите, кои се соочуваат со термини на кои долго чекаат и недостиг на лекови.
„Огромни се листите на чекања, нема лекови. Сето тоа укажува на тотална незаинтересираност од страна на менаџментот и на Министерството за здравство во делот на манаџирањето на клиниките. Беа многу критикувани формите на т.н. реверс – но тоа е систем којшто секогаш обезбедуваше лекови за нашите пациенти“,
посочи тој, истакнувајќи дека последиците од нефункционалниот систем се фатални.
Филипче во интервјуто се осврна и на актуелниот пораст на цените нагласувајќи дека незадоволството на граѓаните е директен резултат на неспособноста на Владата на ВМРО-ДПМНЕ. На прашањето на новинарката што направил СДСМ кога бил на власт за цените, Филипче рече:
„Знаете ли зошто тогаш немаше протести? Поради тоа што тогаш имаше реална причина за раст на цените – високата инфлација како резултат на многубројните кризи: ковид, финансиската и енергетската криза. Но, ние успеавме со сите мерки на владата да ги држиме цените под контрола, цената на струјата да не порасне, односно граѓаните да не ја осетат, затоа што беше субвенционирана од страна на владата“.
Тој ја обвини Владата дека со своето недејствување дозволила цените да се зголемат неконтролирано правејќи ги основните производи во Македонија поскапи дури и во однос на маркетите во регионот.
„Се најавуваа мерки за стабилизација на цените, а всушност се остави простор маркетите да се подготват за тие мерки. Резултатот е јасен – неконтролиран раст на цените, поскапување на основните производи, а граѓаните останати без заштита“,
посочи тој.