Според Филипче, граѓаните веќе ја чувствуваат разликата во животот и не веруваат во тврдењата на актуелната власт дека состојбата е добра

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче, во текот на средбата со граѓани во Радовиш изјави дека општините водени од градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ се запуштени, а граѓаните разочарани.
Според Филипче, по четири години од нивните мандати, на терен се гледа целосна негрижа и отсуство на визија.
Филипче, кој пред средбата го прошетал градот, вели дека Радовиш е пример за неговата критика.
„Прошетав на плоштадот – страшно и жално е колку еден среден град, каков што беше порано, сега е запуштен и задушен во смет. Инфраструктурата, улиците, чистотата – тоа се клучните индикатори колку градската власт се грижи за граѓаните и за градот. Тука во Радовиш, како и во многу други општини каде ВМРО-ДПМНЕ има градоначалници, гледаме целосна негрижа, неспособност и отсуство на визија“,
изјави тој.
Според Филипче, граѓаните веќе ја чувствуваат разликата во животот и не веруваат во тврдењата на актуелната власт дека состојбата е добра.
„Граѓаните се разочарани и знаат да казнуваат. ВМРО-ДПМНЕ имаат страшен пад во гласовите на анкетите. За само една година нова влада која што дојде на власт со толкаво мнозинство на гласови да има таков пад – близу 100 000 гласа, тоа значи дека граѓаните знаат, не можеш да ги прелажеш“,
рече Филипче.
Филипче додаде дека само со заедничко дејствување државата може да се врати на вистинскиот пат и оти СДСМ е подготвен да го предводи тој процес со одговорна и транспарентна политика.
„Ако ние не се обединиме, ако не застанеме заедно, како што стоиме тука во Радовиш, државата нема да ја биде. Ќе бидеме тешка периферија на Европа, ќе бидеме под руско влијание и само ќе нè задолжуваат, а парите ќе ги враќаат следните генерации“,
истакна претседателот на СДСМ.