Според лидерот на опозицијата, ваквиот избор ќе ја доведе во ризик целата макроекономска политика, бидејќи, како што рече, Славески ќе следи партиски директиви и нема да води монетарна политика каква што ѝ е потребна на државата
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, смета дека како гувернер на Народната банка, Трајко Славески нема да биде независен и нема да води вистинска и балансирана монетарна политика. Со одлуката на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова да го предложи Славески за иден гувернер, според Филипче, ќе се партизира и последната институција во државата која досега била водена од експерт.

„Со ваквиот предлог ВМРО-ДПМНЕ докажува дека при одлучувањето и водењето на државата нема интерес да им служи на граѓаните, туку на сопствените теснопартиски интереси“,
рече Филипче на денешниот состанок во општинската организација на СДСМ во Желино.
Според лидерот на опозицијата, ваквиот избор ќе ја доведе во ризик целата макроекономска политика, бидејќи, како што рече, Славески ќе следи партиски директиви и нема да води монетарна политика каква што ѝ е потребна на државата.
Од СДСМ претходно денеска најавија дека нема да го поддржат предлогот Трајко Славески да биде иден гувернер на Народната банка, оценувајќи оти тоа ќе значи погребување на последната независна институција во државата.