Според него, одбивањето на владата да ги објави документите е знак на страв, но не од откривање на злоупотреби, туку од разоткривање на фактот дека аферата е измислена

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска изјави дека скандалот што го отвори ВМРО-ДПМНЕ за наводна злоупотреба на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) е политичка конструкција со цел да се манипулира јавноста пред избори.
Филипче уште еднаш ја повика владата веднаш да ги декласифицира сите документи поврзани со случајот за да се расчистат сите сомнежи.
„Не знам што мислеше ВМРО-ДПМНЕ кога го пушти скандалот – дали мислеа дека ќе се исплашиме? Но, ние немаме од што да бегаме. Вистината е една, и ако излезе на виделина, ќе видат граѓаните дека во времето на владеење на СДСМ немало апсолутно никаква злоупотреба на Агенцијата за национална безбедност“,
изјави Филипче на денешната прес-конференција.
Според него, одбивањето на владата да ги објави документите е знак на страв, но не од откривање на злоупотреби, туку од разоткривање на фактот дека аферата е измислена.
Филипче нагласи дека постапката е едноставна и дека АНБ може веднаш да ги декласифицира документите. Тој додаде дека со одбивањето, Владата ја поткопува улогата на Собранието и Уставот, бидејќи ниту на пратениците со безбедносни сертификати не им бил овозможен увид во материјалите.
Тој вели дека ова е доказ оти ВМРО-ДПМНЕ не сакаат вистината да излезе на виделина „поради тоа што ќе им пукне ова како петарда во рацете, односно ќе биде сосема јасно дека тие сакале да конструираат афера во прилог на подгревање на предизборната атмосфера“.
„Ако навистина сакаат јавноста да знае што се случувало, тогаш нека дозволат увид во документите. Ако имало прислушување, нека се види кој кого следел, зошто и на чиј налог“,
рече претседателот на СДСМ.
Филипче ја повика Владата да дозволи јавноста да ја дознае целата вистина за тоа кој бил следен, дали премиерот комуницирал со лица под надзор и дали имало каква било злоупотреба.
„Ние ниту од нешто бегаме, ниту СДСМ нешто крие, ниту се плашиме од нешто. Граѓаните ја заслужуваат вистината“,
додаде Филипче.
Членовите на собраниската Комисија за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и на Агенцијата за разузнавање (АР), вчера беа во надзорна посета на АНБ, но, како што информираат од Собранието, немале можност за увид во документацијата. Од АНБ се повикале на истрагата на обвинителството за случајот.
Пратениците, додаваат од Собранието, се сретнале со директорот на Агенцијата, Бојан Христовски, кој ги информирал во врска со неправилностите и недостатоците, односно за непрофесионалното и незаконито постапување во Агенцијата, во периодот од 2019 година до 2024 година. Воедно, тој ги информирал членовите на Комисијата и дека се доставени известувања до надлежно Јавно обвинителство кое постапува во конкретниот случај.
По посетата на АНБ и АР, пратеникот Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ денеска рече дека обвинителството треба да се дигне на клоци, велејќи дека има класични прекршувања на Законите и злоупотреби за кои досега морало да има обвинение.