Според Филипче, жално е тоа што Сиљановска-Давкова не застанала на страната на мнозинството граѓани што сакаат земјата да ја видат интегрирана целосно во Европа

Сиљановска-Давкова ја избра најкорупмпираната власт која ја носи Македонија во изолација, велат од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) по годишното обраќање на претседателката пред пратениците.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, вели дека претседателката избрала да застане на страната на најкорумпираната и криминална влада во историјата на држава и во овој момент во Европа.
„Се потврдува тоа што го зборевме, изминатите недели, месеци, се потврдува дека оваа влада, а денеска претседателката, даде поддршка, ја води Македонија кон изолација, дека европската приказна за нас е завршена, нема да има никакви реформи и следи голема криза“,
рече Филипче на денешната прес-конференција во Собранието.
Според Филипче, жално е тоа што Сиљановска-Давкова не застанала на страната на мнозинството граѓани што сакаат земјата да ја видат интегрирана целосно во Европа.
„Жалам што не застана на патот на вистинските реформи, да ги поддржи, да ги коментира, туку само некои квазиреформи, некои делумно изменети закони коишто оваа влада ги претставува како вистинска реформа, а тоа не е тоа, затоа што, посебно законите во правосудството ќе овозможат само дополнителна партизација, поставување свои партиски обвинители, партиски судии, еден процес којшто веќе го започна, сè со цел да продолжат коруптивните пракси и крадењето на парите на граѓаните“,
рече Филипче.
Тој смета дека ќе следи голема криза осврнувајќи се на тоа дека поскапува цената на електричната енергија, а со тоа, како што рече, ќе поскапи сè.
„Гледаме дека нема договор за раст на платите, преговорите во рамките на Социјалниот совет помеѓу Владата и синдикатите практично не дада никаков резултат. Нема да има поголеми плати во ниту еден сектор, ниту за работниците, ниту пак во образувањето, ниту здравството“,
кажа Филипче.
Според Филипче, нема да има никакво поместување во делот на социјалните трансфери, користењето на фондовите од страна на најзагрозените наши категории на граѓани.
Лидерот на СДСМ го повтори случајот за кој партијата изминатите денови алармира, а кој се однесува на проектот „мигранти за пари“ со кој додаде дека претседателката воопшто во ниту еден момент не демантирала дека ќе се случи.
„Огромен проблем со буџетот, дупка од милијарда евра, кој што очигледно дека ќе се пополни со нови задолжувања кој што следат следната година. Очигледно, еден дел од нив поврзани за проектот ’мигранти за пари’, којшто слушнавме дека претседателката воопшто во ниту еден момент не демантираше дека ќе се случи“,
рече Филипче потсетувајќи и на случајот со „губењето над 100 милиони евра од ИПАРД-програмата поради коруптивните пракси“.
Филипче рече и дека претседателката дава поддршка оваа влада да ја носи земјата во изолација и, како што кажа, ќе бидеме црна точка во Европа, во којашто според европските институции, тука владее „српскиот свет“.
„Енергетски кризи, изолација, целосно немање никакви структурни реформи, млади коишто секој ден ја напуштат земјата“,
рече Филипче.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во нејзиното годишно обраќање пред пратениците, кое траеше повеќе од еден час, повика на национален консензус околу стратешките цели на државата за евроинтеграциите, посочувајќи дека тие не се само административен процес, туку политички предизвик кој бара уставни измени и јасни гаранции од Европската Унија и од Бугарија.
Taa зборуваше и за трагедијата во Кочани, оценувајќи дека пожарот откри системски пропусти, култура на неказнивост и корупција. Ги повика политичарите да престанат со дневнополитичките препукувања на сметка на судството околу овој процес.
