Во изјава за ТВ 24, тој вели дека не е опција да оди амбасадор или да добие некоја друга политичка функција
Министерот за здравство Венко Филипче посочи дека веднаш по изборот на новата влада, ќе се врати на својата основна професија, на Клиниката за неврохирургија.
„Ова беше едно големо искуство, но доста е од политика. Веднаш по завршување на владината реконструкција, се враќам на мојата основна професија како неврохрируг во Клиничкиот центар“,
изјави денеска Филипче во изјава за ТВ 24.
Прашан дали размислува за амбасадорско место или друг ангажман во политиката, тој вели дека такво нешто не е опција.
„Засега не размислувам во таа насока. Сметам дека најмногу можам да придонесам во здравство преку мојата професија“,
одговори министерот Филипче.
Минатата недела премиерот Зоран Заев на прес-конференцијата со лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, на која договорија влез на оваа партија во Владата, објави дека токму Министерството за здравство е едно од министерствата со кои ќе раководи кадар на партијата на Гаши.