Министерот за здравство повика на смиреност и најави повеќе информации од самото место
Министерот за здравство, Венко Филипче, е на пат кон Тетово, по веста за пожарот во ковид-центарот во тамошната болница.
Тој, на Твитер, повика на смиреност и најави повеќе информации од самото место.
Во моментов се движам накај Тетово каде, за жал, има пожар во Ковид центарот. Во најскоро време по увид на состојбата ќе споделиме официјални информации што точно се случува. Апелирам за смиреност додека ги чекаме деталите за несреќата.
— Венко Филипче (@VFilipche) September 8, 2021
Ковид-центарот во рамки наТетовската болница беше мошне оптоварен во изминатиот период, поради високите бројки на заразени и хоспитализирани поради коронавирус во овој град.
Пред половина месец, таму беа оштетени две споредни цевки кои носат кислород од централниот систем до првиот објект ургетно-дијагностичкиот центар. За настанот беше осомничен жител на селото Желино.