Прашан дали очекува ВМРО-ДПМНЕ да води негативна кампања, Филипче кажа оти тоа не би го изненадило, имајќи предвид како оваа партија, како што додаде, се однесувала изминатите седум-осум години во опозиција, како се однесувала измината една година откако е на власт и што сè се подготвени да инсинуираат, направат и измислат
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче, ги негира тврдењата на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека социјалдемократите имаат предизборна коалиција со Демократската унија за интеграција (ДУИ) и со Левица. Но, рече оти се согласува со својот политички опонент во една работа, а тоа е дека граѓаните имаат две опции меѓу кои можат да избираат на локалните избори на 19 октомври.

Едната опција, како што кажа Филипче, е напредна и проевропска, а другата е ВМРО-ДПМНЕ, која се служи со лажни кампањи и која се докажала по тоа што го запустила градот Скопје.
„Не, ние немаме коалиција ниту со ДУИ, ниту со Левица. Меѓутоа се согласувам со премиерот дека граѓаните имаат две опции. Едната е напредна, проевропска опција, којашто нуди чесни, добри кадри, коишто покажаа како се работи за доброто на граѓаните, а тоа е СДСМ, а другата опција е ВМРО-ДПМНЕ, кои се служат со лажни кампањи, со лаги, со клевети, коишто се докажаа дека се неработници, коишто се докажаа по тоа што го блокираа и го запустија градот Скопје“,
изјави Филипче на заедничката прес-конференција со кандидатката на СДСМ за градоначалник на Скопје, Каја Шукова.
Говорејќи претходно за изборната кампања, која официјално стартуваше денеска, лидерот на СДСМ рече дека тие ќе водат позитивна кампања, во рамките на која ќе ги презентираат сите, како што кажа, позитивни работи и проекти што ги имплементирале нивните градоначалници во изминатите четири години.
Сепак, како што додаде тој, нема да се воздржат од аргументирани критики за лошите политики и работата на градоначалниците од другите партии, особено оние од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
„Силно ќе го критикуваме ВМРО-ДПМНЕ, блокирањето на град Скопје, заради тесно партиските интереси се со цел да граѓаните гласаат врз основа на факти“,
рече Филипче.
Прашан за коментар на вчерашната изјава на претседателот на ДУИ, Али Ахмети, кој критикувајќи ја актуелната власт му порача на премиерот Мицкоски дека е млад и оти со кучиња не се оди во лов на орли, Филипче одговори дека во текот на изборната кампања граѓаните ќе се изнаслушаат секакви работи.
„Еве кажав каква ќе биде нашата кампања, не би навлегувал да коментирам такви изјави“,
рече претседателот на СДСМ.
Инаку, на пораките на лидерот на ДУИ веднаш реагираа од ВМРО-ДПМНЕ, од каде што наведоа дека Ахмети не е орел, туку врапче кое ќе носи писма со понуди откако ќе загуби на изборите.
Одговарајќи на прашање во истиот контекст, односно дали очекува ВМРО-ДПМНЕ да води негативна кампања, Филипче кажа оти тоа не би го изненадило, имајќи предвид како оваа партија, како што додаде, се однесувала изминатите седум-осум години во опозиција, како се однесувала измината една година откако е на власт и што сè се подготвени да инсинуираат, направат и измислат.
„Морам сега да упатам една порака дека не е исто да си на власт и во опозиција. Треба малку поодговорно да пристапуваат сите чинители кои се на власт, бидејќи работат пред сè за интересот на граѓаните“,
рече Филипче.
Инаку, премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска одговарајќи на новинарски прашања во Општина Градско, исто така кажа дека на овие локални избори, граѓаните ќе избираат меѓу две опции – едната е онаа на, како што кажа, коалицијата меѓу СДСМ, ДУИ и Левица, а другата е коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Говорејќи за, како што ја нарече, коалицијата СДСМ-ДУИ-Левица, Мицкоски рече дека не станува збор за сојуз „во обланда“, туку за јавно и јасно профилирана коалиција.
Според премиерот, на овие локални избори нема трета опција, а секој што ќе избере да остане дома и да не излезе на своето избирачко место директно ќе гласа за коалицијата на СДСМ, ДУИ и Левица.