Во гостувањето во вестите на ТВ Алсат, лидерот на СДСМ рече дека предлог-законот е изработен по пример на практики од повеќе земји во светот кои реагирале со слични мерки по големи несреќи како онаа во Кочани од минатиот месец
Лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, најави дека пратеничката група на партијата која ја предводи, следната недела до Собранието ќе поднесе специјален предлог-закон кој ќе биде наменет за обезбедување финансиска и институционална поддршка за семејствата погодени од трагедијата во Кочани.

Во гостувањето во вестите на ТВ Алсат, Филипче рече дека предлог-законот е изработен по пример на практики од повеќе земји во светот кои реагирале со слични мерки по големи несреќи како онаа во Кочани од минатиот месец.
„Целта е да им се помогне на семејствата полесно да ги пребродат тешките моменти и трошоците што произлегуваат од трагедијата. Дополнително, ќе се понуди финансиска поддршка за зајакнување на системите таму каде што е потребно“,
рече лидерот на СДСМ.
Филипче се осврна и на средбата што денеска пред Собранието ја оствари со семејствата на загинатите во трагедијата, кои во Скопје организираа протестен марш барајќи правда за своите најблиски. Како и пред семејствата, така и во интервјуто за Алсат, Филипче повтори дека средбата била без политичка заднина.
„Сакам да потенцирам – нашата средба со родителите не е за политизација. Излеговме затоа што сме луѓе, затоа што нивната болка е длабока, а нивните барања беа конкретни. И покрај тоа што сме во комуникација со голем број граѓани и семејства од Кочани во изминатиот период, сепак тие бараат и институциите да функционираат“,
посочи Филипче.
Додаде дека СДСМ не дава партиска поддршка на протестот и дека постои внатрешна насока во партијата да нема организирано присуство на протести, за да не се наруши автентичноста на реакцијата на граѓаните.
Пратениците на СДСМ денеска пред Собранието се соочија со семејствата на загинатите во трагедијата во Кочани кои организираа протестен „Марш на ангелите“. Опозициските пратеници на почетокот беа пречекани со свиркање и со негодувања од страна на толпата, но за кратко ситуацијата се смири. Присутните им се заблагодарија на пратениците од СДСМ, што некој од нив се одважил и дошол да ги слушне нивните барања.