Лидерот на СДСМ ги повика сите пратеници од сите пратенички групи во Собранието да ја поддржат иницијативата за формирање Анкетна комисија за, како што вели, целосно и независно испитување на трагедијата и утврдување на вистината
Пратеникот и лидер на СДСМ, Венко Филипче, најави дека пратеничката група на СДСМ и коалицијата утре до Собранието ќе поднесе предлог за надзорна расправа и формирање Анкетна комисија за целосно и независно испитување на трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“.

Тој ги повика сите пратеници од сите пратенички групи во Собранието да ја поддржат иницијативата за формирање Анкетна комисија, што беше барање на семејствата на загинатите и повредените во Кочани.
„На денешната координација на пратеничката група на СДСМ и раководството на партијата оценивме дека ова се неопходни чекори за проверка на постапувањето на сите институции, утврдување на политичка одговорност, како и подготовка на понатамошни мерки и решенија за вакви трагедии никогаш повеќе да не се случат“,
објави Филипче на социјалните мрежи.
За време на саботниот „Марш на ангелите“ во Скопје, семејствата на загинатите во „Пулс“ побараа пратениците да иницираат надзорна расправа и посебна анкетна комисија за целосно и независно испитување на случајот.
На прашањето дали пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи барањето на семејствата на загинатите и ќе иницира надзорна расправа, премиерот Христијан Мицкоски денеска во изјава за медиумите кажа дека ова прашање треба да биде адресирано до пратениците.
„Што се однесува за поддршката за анкетна комисија, мислам дека тоа прашање треба да го поставите на пратениците. Мислам дека ваков тип на соочување со јавноста многу скоро ќе биде кога ќе почне процесот во суд. Таму ќе можат сите, и граѓаните и јавноста да следат што сè се случувало“,
изјави Мицкоски.
