Опозицискиот лидер вели дека барањата што синдикатите ги имаат до Владата се реални и објективни и изрази и жалење што владејачкото мнозинство минатата година не го поддржа предлогот на СДСМ за зголемување на минималната плата на 500 евра
Опозицискиот СДСМ соопшти дека го поддржува денешниот протест на Сојузот на синдикатитњ на Македонија (ССМ) со кој синдикалците и работниците бараат покачување на минималната плата на 600 евра, а на сите други плати за 100 евра. Одлуката да го поддржат протестот, како што денеска изјави партискиот лидер Венко Филипче, била донесена на вчерашната седница на Извршниот одбор на СДСМ.

Филипче вели дека барањата што синдикатите ги имаат до Владата се реални и објективни и додава дека поголема плата е заслужена и вистински потребна за преживување на работничките семејства.
„Жалам што завршија добрите пракси од минатото, од времето на СДСМ кога во континуитет растеа и минималната плата и просечната плата. Минималната плата речиси се дуплираше и просечната плата исто така, и тоа во време на најголеми кризи како што светот немаше видено – ковид-кризата и енергетската криза. Меѓутоа, тоа е резултат на добро водена економска политика во државата, кога во државата имаше и добра реализација на капитални инвестиции, кога имаше и странски инвестиции што оваа влада го нема“,
рече Филипче во изјава за медиумите.
Лидерот на СДСМ во оваа смисла ја искритикува актуелната власт дека одново и во континуитет прави нови задолжувања кои, како што рече, ќе ги враќаат следните генерации. Филипче изрази и жалење што владејачкото мнозинство минатата година не го поддржа предлогот на СДСМ за зголемување на минималната плата на 500 евра.
„Ние ќе продолжиме и понатаму во следниот период да изнаоѓаме и предлагаме законски решенија, со што ќе го подобриме стандардот на граѓаните“,
изјави Филипче.
За денеска во 17 часот е закажан почетокот на протестот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), со кој се бара зголемување на минималецот на 600 евра и покачување на сите други плати за 100 евра. Протестот ќе почне пред Работничкиот дом, односно зградата на ССМ, а ќе заврши пред Владата.
- ССМ излегува на протест: Се бара минимална плата од 600 евра и зголемување на сите плати за сто евра
Говорејќи за барањата на синдикалците, премиерот Христијан Мицкоски синоќа во интервју рече дека по истиот принцип на кој се потпишале колективни договори со синдикатите во образованието и во здравството, се зголемиле платите во МВР и Одбрана и се интервенирало во примањата на вработените во центрите за социјални работи, се воделе преговори и за зголемување на платите во администрацијата за 8 отсто годишно, но преговорите со репрезентативните синдикати пропаднале бидејќи, како што рече, некој бил политички заробен.
