Ќе го издвојам Законот за абортус, што го работевме со пратеничките во изминатите состави, којшто на прво место ја постави волјата на жената и што да прави со своето тело. Ќе ве потсетам како беше во минатото, за жената решаваа некои комисии, порача Филипче
Ние се соочуваме со многу стереотипи и предрасуди во општество, во држава, но и во поширок контекст во регионот, поради тоа што родовото прашање често се доведува до прашање на доминација. Тоа е погрешно и на тоа треба да се работи, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната партиска трибина по повод 25-годишнината од формирањето на Форумот на жени на СДСМ.
„Женското лидерство е клучно прашање во таа смисла, бидејќи со самото лидерство може да се смени перцепцијата за доминација. Преку примерот на лидерството ние покажуваме многу работи“,
посочи Филипче.

Затоа СДСМ, и посебно Форумот на жени, има исклучително важна улога, потенцира Филипче, наведувајќи ги дел од реализираните политики и проекти во изминатиот период.
„СДСМ многу направи за да ја препознае вистинската улога на жената како лидер во општеството. Исполни голем број на ветувања, што значи признавање на улогата на жената во општеството и материјализирање. Ќе го издвојам Законот за абортус којшто го работевме со пратеничките во изминатите состави, којшто на прво место ја постави волјата на жената и што да прави со своето тело. Ќе ве потсетам како беше во минатото, решаваа за жената некои комисии. Вербата во идејата е важна и ние ќе продолжиме да ја унапредуваме и да ја имплементираме преку нови политики, заедно со Форумот на жени, во следниот период“,
додаде Филипче.

