Министерот вели дека здравствениот систем има капацитет и за тестирање поголем број ученици, па и еднаш неделно. Меѓутоа, нагласува дали би имало такво нешто и кои ќе бидат следните чекори ќе се одлучува врз основа на резултатите од скринингот што треба да се спроведе наредниот период
Една недела се доцни со најавениот скрининг во училиштата поради тоа што анализата на бројот на ученици по училишта одземала подолг период, но методологијата е готова и од утре Министерството за здравство и Министерството за образование и наука ќе почнат да бараат писмена согласност од родителите за тестирање на децата кои ќе бидат опфатени.
Министерот за здравство Венко Филипче очекува дека најмногу до почетокот на следната недела ќе се обезбедат согласностите и ќе се почне со скринингот, па апелира до родителите да се согласат децата да бидат тестирани зашто не е ништо страшно туку само земање обичен брис. На таков начин, вели Филипче, ќе се открие дали има асимптоматски случаи.
„Се знае колкава бројка ученици ќе бидат опфатени, во кој од класовите во кои училишта согласно бројката на училишта во општините. Верувам дека тоа ќе биде брзо со оглед дека ќе се прави преку електронскиот дневник и родителите имаат можност веднаш да одговорат. Апелирам да го прифатат скринингот, не е тоа ништо страшно, обичен брис се зема кај децата исто како брисовите и за детектирање на други причинители на горнореспираторни инфекции. Сега епидемиолошката ситуација е прилично мирна, немаме заболени деца, немаме хоспитализирани – 10-15 во болницата во Козле, и во ниту една друга институција нема податоци за трансмисија на вирусот во училиштата. Но, важно е да знаеме дали евентуално би откриле асимптоматски носители кај децата“,
рече Филипче.
Одговарајќи на новинарско прашање, тој вели дека здравствениот систем има капацитет и за тестирање поголем број ученици, па и еднаш неделно. Меѓутоа, нагласува дали би имало такво нешто и кои ќе бидат следните чекори ќе се одлучува врз основа на резултатите од скринингот што треба да се спроведе наредниот период.
Скринингот, како што беше најавено, ќе опфати 8 200 деца од основните и средните училишта во земјава.
