Тој повика сите 120 пратеници во Собранието да се обединат околу овој документ, споредувајќи го пристапот со оној на другите држави, вклучително и Бугарија, кои имаат заеднички декларации за нивните национални интереси

Предлог-резолуцијата за црвените линии не претставува уривање, туку зајакнување на националните интереси, вели лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), венко Филипче.
Одговарајќи на новинарско прашање, Филипче нагласи дека документот ги потврдува и ги зацврстува позициите на државата. Тој ги отфрли обвинувањата дека СДСМ ги урнал националните интереси, нагласувајќи дека резолуцијата е доказ за спротивното.
„Станува збор за потврдување на нашите црвени линии, потврдување на нашата заедничка позиција со национален консензус за првпат. Значи не станува збор за уривање туку за зајакнување“,
рече Филипче кој денеска беше во Општона Кисела Вода.
Тој повика сите 120 пратеници во Собранието да се обединат околу овој документ, споредувајќи го пристапот со оној на другите држави, вклучително и Бугарија, кои имаат заеднички декларации за нивните национални интереси.
„Ајде еднаш да сите заедно 120 пратеници конечно јасно и сите да потпишеме што е тоа што е наш национален интерес, кои се нашите црвени линии и дека за тоа едноставно не преговараме“,
додаде тој.
Според лидерот на СДСМ, токму предлог-резолуцијата јасно утврдува дека за јазикот, идентитетот, културата и историјата ниту една влада повеќе нема да преговара.
Сепак, Филипче повика дебатата за резолуцијата да се одложи за по локалните избори, со цел во овој период фокусот да биде исклучиво на локалните кампањи и презентација на програмите пред граѓаните.
Денеска од владејачката ВМРО-ДПМНЕ рекоа дека СДСМ не може да има црвени линии. Тоа, како што рече пратеникот Бране Петрушевски, е уште една лага како жицата од гитарата на Заев во која се колнеше.
Тој рече дека никој не очекува национална политика од Венко Филипче и СДСМ.
Вчера, на предизборен митинг од Охрид, лидерот на СДСМ, Венко Филипче, порача дека власта ги руши стратегиските позиции и дека ја приватизира државата за свои интереси.