На прашањето кога може да се очекува укинување на полицискиот час, со оглед дека беше најавено постепено враќање на животот во нормала после првомајските празници, министерот за здравство Венко Филипче вели дека сѐ уште е рано за таков чекор.
„Сѐ уште сме внимателни во анализите на бројките. Во следните денови сакам да организираме заедничка прес-конференција со епидемиолозите на која ќе ги претставиме трендовите на кривата, кои се очекувањата за следниот период. Морам да кажам дека во овој момент не можеме да кажеме што би препорачале за следниот викенд после првомајските празници, на тоа ќе влијае и периодот до крајот на оваа недела, но и почетокот на другата седмица. После деталната анализа може да зборуваме за понатаму. Сега-засега, полицискиот час апсолутно останува“,
изјави Филипче.
Тој посочи дека деновиве има намален тренд на новозаболени, но сепак вели дека мора да се продолжи со анализа за да се исклучи можноста дека тоа не е некоја варијација и дека нема скриени кластери.
Инаку, за првомајските празници Владата одлучи да нема продолжен полициски час како што беше за Велигден. Наместо тоа, од петок до недела полицискиот час ќе почнува од 14 часот и ќе трае до 5 наутро.