Според лидерот на СДСМ, доколку и овој обид за заедничка акција биде опструиран, партијата ќе го преиспита своето учество во Советот на Град Скопје
Лидерот на Социјадемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче, попладнево на социјалните мрежи соопшти дека побарал од советничката група на партијата да иницира итна седница на Советот на Град Скопје за кризата со јавните услуги со кои се соочува главниот град.
Неговата објава доаѓа откако денеска беше соопштено дека јавниот градски превоз во главниот град ќе се одвива со драстично редуциран број на автобуси, поради недостиг на гориво.
Состојбата во Скопје, вели Филипче, е алармантна, градските улици се гушат во смет, градскиот превоз не функционира, а градот е оставен без основните услуги што ги заслужуваат граѓаните.
„Градот реално се наоѓа во криза и побарав од советничката група на СДСМ да иницира итна седница на Советот на Град Скопје. Ги повикувам сите советници, без разлика на партиската припадност, да застанат зад ова барање и да се одржи оваа седница во најкус рок“,
вели лидерот на СДСМ во објавата на Фејсбук.
На седницата, како што посочува тој, советничката група ќе предложи конкретни мерки, кои верува дека заеднички ќе ги поддржат сите советници за конечно да им се излезе во пресрет на граѓаните.
Доколку и овој обид за заедничка акција биде опструиран, Филипче најавува дека СДСМ ќе го преиспита своето учество во Советот на Град Скопје.
„Нема да бидеме параван за лошите политики што го уништуваат нашиот град“,
вели тој.
Инаку, СДСМ и коалицијата во Советот на Град Скопје има 11 советници.
„Искрено се надевам дека ќе наидеме на разбирање кај останатите партии и советници. Скопје не заслужува ваква негрижа и хаос. Со оваа иницијатива, СДСМ јасно покажува дека стои на страната на граѓаните, кои секојдневно се соочуваат со последиците од неработењето на градската администрација“,
додава лидерот на опозициската партија во објавата.
Од синдикатите на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“, во изјави за МИА соопштија дека од денеска попладне во Скопје сообраќаат само 25 автобуси, а останатите се паркирани во автобазите на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ во Автокоманда и во Ѓорче Петров поради недостиг на гориво.
Нафтата вообичаено ни ја доставува ‘Пуцко петрол’ во базите на ЈСП ‘Скопје’, но бидејќи должиме поголема сума на пари, деновиве не ни доставуваат нафта“, изјави претседателот на Независниот синдикат на возачите на ЈСП „Скопје“, Африм Муча, кој вели дека состојбата е многу сериозна бидејќи 70 отсто од автобусите се паркирани.
Град Скопје преку писмено соопштение одговорноста за кризата ја префрла на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, нагласувајќи дека „станува збор за смислено сценарио за пропаѓање на претпријатието“.
„Кадарот на шефот на ВМРО-ДПМНЕ во Бирото за јавни набавки, Маре Богева, креира криза во ЈСП за гориво, со тоа што за првпат од постоењето на претпријатието ја поништи редовната јавна набавка за гориво во ЈСП како смислено сценарио“,
се вели во соопштението на Град Скопје.