Филипче предупреди дека со ова намалување државата не го задоволува НАТО-стандардот за инвестирање во модернизација на одбраната, што може да го загрози партнерството со САД
Според соопштението на Министерството за одбрана, до одложување на дел од плаќањата доаѓа поради одложената испорака на американска опрема за Армијата, што е резултат на зголемената побарувачка на светско ниво и барање од производителите во САД

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска на прес-конференција ја критикуваше Владата поради пренамена на 780 милиони денари од ставката за модернизација на одбраната во Буџетот, тврдејќи дека тоа е директно нарушување на НАТО-стандардите и отстапување од препораките на САД.
Филипче предупреди дека со ова намалување државата не го задоволува НАТО-стандардот за инвестирање во модернизација на одбраната, што може да го загрози партнерството со САД.
„Се поставува прашањето дали праќаме сигнал дека ние не сме кредибилен партнер во рамките на НАТО во време кога американската администрација инсистира да процентите од буџет во одбраната се зголемат, а ние го намалуваме. И тоа значи дека се загрозува нашето партнерство со САД“,
изјави Филипче.
Лидерот на СДСМ, исто така, оцени дека Буџетот е лошо планиран, нереформиран и не ги отсликува потребите на државата и граѓаните. Според него, Буџетот не е ниту развоен ниту социјален.
„Овој буџет не е социјален и не се грижи за граѓаните. Нема зголемување на платите, за многу ранливи категории буџетите се намалени за следната година, и на крајот многу мала ставка има за капиталните инвестиции. Овој буџет не е подготвен да се соочи со криза. Ако дојде до каква било криза во државава, едноставно ќе нема пари за ништо“,
додаде Филипче.
Филипче предупреди и на буџетската дупка за тековната година, која изнесува една милијарда евра и најави дека Владата ќе се соочи со дополнително задолжување.
По прес-конференцијата на Филипче, со реакција се огласи и Министерството за одбрана, демантирајќи ги тврдењата и додавајќи дека станува збор за „повторно незнаење од страна на една политичка партија“.
Според соопштението на Одбрана, до одложување на дел од плаќањата доаѓа поради одложената испорака на американска опрема за Армијата, што е резултат на зголемената побарувачка на светско ниво и барање од производителите во САД.
„Информацијата е неточна затоа што фактите друго говорат. Заради ова одложување, дел од средствата планирани за царина се ослободуваат, но тие остануваат во одбранбениот буџет и ќе бидат искористени за припадниците на Армијата“,
се наведува во соопштението.
Од Министерството велат дека модернизацијата продолжува без застој.
