Епидемијата спласнува, но мора да останеме внимателни, добро е граѓаните да имаат маска при рака дури и кога се групираат на отворено.
Ваква порака испрати денеска министерот за здравство Венко Филипче откако Комисијата за здравство препорача, а утрово Главниот кризен штаб прифати и ѝ предложи на Владата да ги олабави рестрикциите.
„Во рамките на се ова што се случува, имаме јасни податоци дека епидемијата спласнува, но апелирам граѓаните да останат внимателни. Маската е добар механизам да се заштитиме. Еве, се трга и забраната за групирање, меѓутоа добро е да се има предвид, да се има при рака, ако има групирање, макар и надвор, иако е топло може да користи. Исто и за собирите дома, сите граѓани треба да се свесни дека имаме стабилна ситуација, но никој, кој било во светот, не може да предвиди како понатаму ќе се одвива епидемијата. Ние ги следиме сите трендови кај нас, во околните земји и така ги даваме препораките“,
изјави Филипче.
Олабавувањето на мерките, кое треба да биде усвоено утре на седница на Владата, носи укинување на обврската за носење маска на отворено, дозвола за свадби и други прослави на отворено (летни тераси) до максимум 100 гости, но не повеќе од 50 отсто од капацитетот на просторот, дозвола за публика на спортски натпревари на отворено до 30 проценти од капацитетот на гледиштето итн.