Правиме план за зголемување на здравствени капацитети во интерните одделенија, вели министерот Венко Филипче кој денеска заедно со претседателот на Комисијата за заразни болести, докторот Жарко Караџовски, имал средби со директорите на универзитетските клиники, клиничките и општите болници ширум државата и со главните медицински сестри од скопските клиники.

Се договориле да се направи дополнителна реорганизација на просторот за да има поголеми капацитети на интерните одделенија и да се оптимизира медицинскиот кадар на скопските клиники кој потоа ќе биде активиран за помош на Инфективната клиника.

„Во периодот кој претстои ги зајакнуваме сите здравствени капацитети во земјава. Правиме целосна мобилизација на здравствените работници од јавното здравство, кои ќе бидат вклучени во лекувањето на пациентите со коронавирусот, а исто така ќе им бидат помош и на колегите во инфективните одделенија. Спремаме дополнителни капацитети со цел подобро справување со овој непредвидлив вирус во зимскиот период“,
вели Филипче.
Тој на средбата им посочил на директорите и на сестрите дека наскоро се очекува да пристигнат и брзите тестови за детекција на ковид-19 кај пациентите.