„Граѓаните знаат колку пари имаат кога ќе отворат фрижидер. И прашајте ги нив дали БДП расте 3,8 или 4%. Немаат пари луѓето, а оваа власт не се грижи да им ги зголеми приходите“, коментира лидерот на СДСМ за податокот дека БДП пораснал 3,8% во третиот квартал од годинава, што, според министерката за финансии, е трет најдобар резултат во Европа по Ирска и Данска

Граѓаните не го чувствуваат растот на бруто-домашниот производ, вели лидерот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1. Според него, податоците за раст на БДП од 3,8 % во третиот квартал, две третини се должи на личната потрошувачка.
„Самиот раст на цените, односно инфлацијата, влијае на тоа БДП да расте. Тоа е формулата. Кој капитален објект, капитална инвестиција, нешто што ја зголемува продуктивноста и нешто што има додадена вредност, којашто вистински го зголемува БДП, е направен? Освен, во рамките на таа една третина од бруто-домашниот производ, овие градежни активности со автопатиштата коишто сега се прават, а за ВМРО-ДПМНЕ беа епски криминал. И еве, сега се фалат, се сликаат секој ден со нив. Тоа е суштината на растот на БДП. Две третини, така е структуиран нашиот бруто-домашен производ, се должи на персонална потрошувачка. И вие кога немате раст на плата, како што немате, а растат цените, како што растат, тогаш повеќе трошите. Тоа е суштината на растот. Каква Данска, трета земја, каква Франција. Тоа е манипулација на премиерот и на министерката за финансии. Па, граѓаните знаат колку пари имаат кога ќе отворат фрижидер. И прашајте ги нив дали БДП расте 3,8 или 4%. Немаат пари луѓето, а оваа власт не се грижи да им ги зголеми приходите“,
коментира Филипче.
