„Ова е работа за која лидерите на најголемите партии треба да седнат заедно и тоа овој временски период, зашто очигледно сега во ЕУ постои расположение да се поддржи овој процес. Тоа го гледаме и по примерите на Црна Гора и Албанија“, вели лидерот на опозициската СДСМ
Лидерот на Социјалдемократскиот сојуз, Венко Филипче, денеска повторно ја нагласи потребата од лидерска средба со премиерот Христијан Мицкоски, на која ќе се разговара за евроинтегративниот пат на земјата, односно на прашања што се од национален консензус за државата.
По одржувањето на Националниот совет за евроинтеграции во Собранието во изјава за медиумите рече оти жали што премиерот ја одбил неговата покана за лидерска средба, уште како што рече, пред детално да ја образложи.

„Кога разговараме за некои важни точки од национален консензус, сме свесни дека треба да го постигнеме, а знаеме дека живееме во мултинационално и мултикултурно општество, сметам дека на тие прашања треба да им се пристапи многу сериозно. Очигледно е дека некои работи можеби различно ги читаме и можеби различно ги толкуваме. Ако лебди прашањето дека Историската комисија може да биде пречка во евроинтеграртивниот процес, на пример, после уставните измени, а во протоколот 2, сметам дека јасно пиштува оти тоа никаде не е услов, туку напротив, владите ја охрабруваат работата на Историската комисија и сите одлуки таму се носат со консензус. Значи мора да се согласат двете страни со одлуките пред да се разгледуваат следните точки на дневен ред. Затоа сметам дека треба да седнеме и да разговараме“,
вели тој.
За јасни ги оцени пораките на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта и на еврокомесарката Каја Калас дека сега е моментот да фатиме чекор со Црна Гора и со Албанија.
„Тие две земји со крупни чекори чекорат напред и очекувањата се дека за период од две до три, максимум четири години можат да се на прагот на Европската Унија. Во таа насока, на средбата може да разговараме за тој момент на толкување на протоколите. Понатаму, еве во јавноста излегува предлог од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за можноста да се разговара и за некој нов протокол. Третата работа е да најдеме начин да се модифицира работата на историската комисија. Да побараме да присуствуваат и да учествуваат странски експерти. На пример, луѓе коишто имаат искуства во своите земји, како Германија со Полска, Германија со Австрија“,
кажа лидерот на опозицијата.
Посочи дека ќе продолжи да апелира, да биде конструктивен и да се обидува да наоѓа предлози за кои би можело да се разговара.
„Ова е работа за која лидерите на најголемите партии треба да седнат заедно и тоа овој временски период, зашто очигледно сега во ЕУ постои расположение да се поддржи овој процес. Тоа го гледаме и по примерите на Црна Гора и Албанија“,
рече Филипче.
Според него, разговорот е единствен начин да се решат нерасчистените прашања, што е во интерес за напредокот на државата.
Од ВМРО-ДПМНЕ вчера изјавија дека нема потреба за нова лидерска средба откако претходно лидерот на СДСМ, Венко Филипче, најави дека ќе предложи конкретни точки за што би требало да разговараат најголемите политички партии на заеднички состанок.
„Лидерска средба имаше пред само еден месец и сметаме дека нема потреба за истото. Доколку Филипче сака да си прави средби со своите коалициски партнери може да го направи тоа со Али Ахмети, со Таравари или со Димче Апасиев,“
рече Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
Филипче пред два дена од Охрид најави дека денеска на Националниот совет за евроинтеграции со кој претседава во Собранието, ќе предложи агенда со неколку точки поврзани со реформскиот пат и националните интереси, кои според него би требало да се дискутираат на лидерска средба со најголемите политички партии.
Повикот на Филипче за лидерска средба следуваше по говорот на премиерот Мицкоски, која за време на свеченоста во чест на „Светите Кирил и Методиј“ повика на единство и национален консензус.