Во фејсбук-објавата, лидерот на СДСМ вели дека патот на Гоце Делчев треба да се продолжи и да се изгради напредна, праведна, демократска и економски силна држава, во која младите и сите граѓани ќе гледаат перспектива
Пораката на македонскиот револуционер Гоце Делчев за „светот како поле за културен натпревар на народите“ и денес е јасен повик дека Македонија мора да оди напред, кон модерна, просперитетна и европска држава, а не назад во изолација – порача лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, во објава на Фејсбук по повод одбележувањето на 154-годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер.

Во фејсбук-објавата, Филипче вели дека треба да се продолжи патот на Делчев и да се изгради напредна, праведна, демократска и економски силна држава, во која младите и сите граѓани ќе гледаат перспектива.
„Во време кога државата повторно се соочува со сериозни предизвици, да не дозволиме националните интереси да бидат заложник на дневна политика. Делата на Делчев се нашиот потсетник дека Македонија се гради со храброст, солидарност и заедништво“,
пишува Филипче во објавата.
Претходно денеска, делегација на СДСМ предводена од генералниот секретар Александар Саша Димитријевиќ, заедно со членовите на Извршниот одбор, Наташа Поповиќ и Петар Огњеновиќ, оддаде почит и се поклони пред гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ во Скопје.
