Во телевизиско гостување, лидерот на СДСМ рече оти темата за мигрантите ја наметнале релевантни британски медиуми, а Владата досега не упатила демант до нив
Кога видовме дека релевантни британски медиуми ја наметнаа темата за носење на мигранти кои се одбиени баратели на азил од Обединетото Кралство во Македонија, по што поставивме прашања до македонската влада, но кога видовме дека не одговараат туку, напротив, започнаа со напади, интервениравме со многу чести прес-конференции, рече лидерот на СДСМ, Венко Филипче, во гостување на „Тема на денот“ на ТВ Сител.

Тој рече оти во предлог-резолуцијата предложена од неговата партија експлицитно стои оти Македонија нема да дозволи носење мигранти или економски работници од Велика Британија и ги повика пратениците да ја потпишат предлог-резолуцијата, со што би се елиминирале сите можни сомнежи.
„Зошто не ја потпишуваат нашата декларација, туку даваат друга во која повторно се манипулира со зборовите? Нека ја потпишат декларацијата што ја поднесовме и со тоа ќе ги расчистиме сите дилеми. Ние во ниту еден момент не сакаме да политизираме, ниту да добиеме некакви политички поени, туку сме само сериозно загрижени“,
рече тој.
Претходно, лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, рече оти тие никогаш нема да дадат поддршка за отворање мигрантски кампови во Македонија, оти во земјава нема простор за нешто такво и оти на иста линија како и нив се и другите коалициски партнери во Владата.
Денеска координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, ја претстави „резолуцијата за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција“.
Мицевски истакна дека целта на резолуцијата е да се спротивстави на, како што наведе, „организираната и координирана кампања од страна на опозицијата“ која ширела несигурност и паника помеѓу граѓаните со лажни информации за прифаќање мигранти и изградба на кампови.
