За тоа дали за првомајските празници треба да се очекува зголемување на периодот за забраната за движење, министерот Филипче рече дека кога се носи ваква одлука таа оди заедно со проценка дали се носи заштитна опрема
Министерот за здравство Венко Филипче и Комисијата за заразни болести до Владата ќе предложат санкционирањето за неносење лична заштита (маска, марама, шал…) да почне од оваа недела, а не од први мај, како што беше најавено.
Ваквата најава од Филипче доаѓа откако на социјалните мрежи и во медиумите се појавија фотографии и видео-материјали на кои се гледа како голем број од граѓаните не ја почитуваат оваа мерка.
„Заштитната опрема се носи и на отворено и на затворено, како што е пропишано, каде нема можност да се одржува физичка дистанца од два метра“,
рече Филипче.
Тој потенцира дека обврска за носење на ваква заштита имаат сите возрасни и децата над 14 години, додека за помалите деца тоа е задолжително кога се во затворен простор или во група каде не е можно да се одржува дистанца.
„Децата ќе се заштитени ако возрасните носат заштита“,
рече Филипче.
*поврзана вест Уредбата за задолжително носење маски објавена во „Службен весник“ – дознајте ги правилата и исклучоците
За тоа дали за првомајските празници треба да се очекува зголемување на периодот за забраната за движење, Филипче рече дека кога се носи ваква одлука таа оди заедно со проценка дали се носи заштитна опрема.
Тој најави дека во следните денови ќе се анализира состојбата и врз основа на фактичката состојба ќе се донесе одлука. Тој апелира строго да се почитува мерката за носење заштита, бидејќи како што рече, во спротивно тоа може да ја влоши ситуацијата.

Кусата обиколка која „360 степени“ вчера ја направи низ центарот на Скопје покажува дека не сите граѓани се придржуваат до мерките. Како изгледаа најфреквентните места во главниот град од галеријата на следниот линк.
Од пред два дена, носењето на заштитна маска за лице е задолжително за сите граѓани во земјата. Според владината уредба со законска сила, има само неколку исклучоци и тоа за лице/a кое:
– носи посебна лична заштита на лицето во рамки на извршувањето на нивните работни задачи;
– престојува во двор на станбена семејна куќа;
– вози велосипед или спортува на отворено како индивидуални спортски активности;
– патува во патничко моторно возило со лица со кои што лицето живее во заедница или домаќинство или
– се движи на јавни места и површини од отворен тип и целосно го одржува дозволеното минимално растојание од најмалку два метри од друго лице.