Здравствените власти го задржаа истиот став вакцината на „Астра Зенека“ да не се користи за лица помлади од 60 години. Информацијата денеска ја соопшти министерот за здравство Венко Филипче откако утрово на состанок со работната група за имунизација го разгледувале вчерашниот став на Европската агенција за лекови (ЕМА).
„Утрово го разгледувавме ставот на бордот на ЕМА во врска со ‘Астра Зенека’. После евалуацијата на сите тие несакани ефекти во форма на тромботични состојби, посебно кај млади луѓе, бордот на ЕМА излезе со две препораки: првата е дека тие несакани ефекти треба да влезат во упатството и второ дека секоја држава треба да заземе став како ќе се користи вакцината. Согласно тоа, по утринските консултации, донесовме став вакцината на ’Астра Зенека‘ да не им се дава на помлади лица од 60 години во нашата земја“,
изјави Филипче.
За граѓаните што веќе се вакцинираа во Србија засега нема препораки освен да се јават на лекар ако имаат некаков симптом. Дали тие ќе се ревакцинираат со „Астра Зенека“ или со друга вакцина, здравствените власти дополнително ќе одлучуваат.
„Во однос на претпазливост на тие што веќе добија една доза на вакцината, тоа се луѓето што се вакцинираа во Србија, нема никакви препораки за каква било претпазливост освен ако имаат некои симптоми да се јават на контрола и преглед кај лекар. Во однос на ревакцината со оглед на тоа што треба да дојде за период од три месеци засега нема некаков став. Ќе ги следиме насоките од ЕМА и од други национални агенции и во текот на следниот период ќе заземе став и по ова прашање“,
рече Филипче.
Освен 28-годишната девојка, кај која се јави тромбоза на вената на едното око, министерот вели дека друга не е пријавена, а досега се вакцинирани над 15 000 граѓани.
„Нема никаква несакана реакција официјално пријавена во МАЛМЕД која бара некакво значење. Несакана реакција во смисла на локална реакција која многу често се јавува после вакцината како мало црвенило, болка, не е нешто што би требало да се пријави како несакан ефект за да биде од клиничко значење“,
изјави министерот.