Капитален објект е нешто што има додадена вредност и утре ќе носи дополнителен раст. Бехатон-плочките во Штип нема да го направат тоа – коментира лидерот на СДСМ

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, смета дека средствата наменети за општински проекти од унгарскиот кредит нема да направат разлика на претстојните локални избори. Во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, Филипче вели дека тоа е така затоа што парите во голем дел или не се искористени или ги нема.
„Ако прашувате за проектите коишто беа најавени преку унгарскиот кредит, тука има еден многу важен аспект, а тоа е дека многу мал процент од тие проекти коишто беа најавени се започнати. Едноставно, никој не знае каде отидоа една милијарда евра од унгарскиот кредит“,
изјави Филипче.
На забелешката дека 500 милиони евра беа наменети за враќање на еврообврзница и дека тоа се случи, лидерот на СДСМ прашува каде се преостанатите 250 милиони кои беа најавени за кредити за компаниите.
„Кога велам каде се парите, не се потрошени. Прво, беше многу индикативно тоа што се сменија повеќе процедури за Македонската банка за развој по првпат да може да зема пари од буџетот. Дотогаш не можеше. Обично земаше од меѓународни финансиски институции. Сега, наеднаш, зема од буџетот. Нашите информации се дека парите се веќе потрошени. И компании ни кажуваат“,
тврди Филипче.
Освен што вели дека средствата од унгарскиот кредит не се видливи, вториот аспект на којшто укажува претседателот на СДСМ е прашањето што е капитален објект.
„Капитален објект е нешто што има додадена вредност и утре ќе носи дополнителен раст. Бехатон-плочките во Штип нема да го направат тоа“,
посочува Филипче.
Според лидерот на СДСМ, имаме слаба економија, граѓаните не може да врзат крај со крај, Владата води лоши економски политики, цените не се под контрола, има пад на странските инвестиции, а намален е и извозот, особено кон Германија.
На прашањето како тогаш расте БДП со над 3% неколку квартали наназад, лидерот на СДСМ тоа го поврзува со градежните активности на автопатите.
„Тоа се должи само и исклучиво на градежните работи на автопатите – ’Бехтел-Енка’, нашите договори коишто ги плукаа дека се криминални“,
одговори Филипче.