За тоа дали има информација за некаква внатрепартиска платформа или иницијатива за негова промена, рече дека такви шпекулации и тој слушнал, но ги оцени како невистинити
На прашањето дали стравува од пуч во СДСМ, одговори негативно и додаде дека намерата партијата повторно да се врати на победничките патеки е на негова, односно на страна на раководството
Економска криза, а потоа и „мигранти за пари“, се сценаријата што ја очекуваат државата, вели лидерот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ), Венко Филипче., во денешното интервју за Радио Слободна Европа (РСЕ).
Ја обвинува власта за изолација на државата од европскиот пат, но и предупредува за врски со властите во Србија и Унгарија, но и со Русија.
За случувањата во матичната партија, додава дека не стравува од пуч оти на последниот конгрес бил успешен, каде што добил искрени и чесни сугестии.

На прашањето кога очекува да се случат предвремени избори, вели дека не може со сигурност да претпостави, но смета дека тие сигурно ќе се случат согласно кризата што ја очекува државата.
„Оваа власт се грижи само за сопствените интереси, зашто мора да се испорача тоа што никогаш не го демантираа дека ќе стигнат мигранти за пари и затоа се потребни предвремени избори. Дали ќе бидат на крајот од оваа година, следната, ќе видиме, но до 2028 година нема да може да се издржи вака“,
кажа Филипче.
За тоа дали има информација за некаква внатрепартиска платформа или иницијатива за негова промена, рече дека такви шпекулации и тој слушнал, но ги оцени како невистинити.
„Нема вистина во тоа. Морам да кажам една работа, јас имам легитимен мандат. Мене пред неколку месеци ме гласаа 20 000 члена да ја водам партијата во следниот четиригодишен мандат. Вратите се отворени за сите“,
вели тој.
Посочи дека во јавноста има разни излети на партиски другари, што смета дека не е коректно и додаде дека забелешките се кажуваат во партијата.
„Кој што има да каже нека каже, вратите се отворени за сите. Јас сум отворен за сите тие сугестии да ги слушнам тука, во партијата“,
додава лидерот на СДСМ.
На прашањето дали стравува од пуч во СДСМ, одговори негативно и додаде дека намерата партијата повторно да се врати на победничките патеки е на негова, односно на страна на раководството.
Секоја фрагментација во СДСМ, како што вели, оди во корист на ВМРО-ДПМНЕ.
„И ние знаеме за таа комуникација и поддршка што ја имаа и во периодот кога сее формираше ЗНАМ, а сега и формално се во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. Тоа се поранешни наши членови. Значи, секоја дополнителна фрагментација оди единствено во корист на ВМРО-ДПМНЕ и, за жал, во никаква корист за граѓаните или државата“,
вели Филипче.
