Филипче беше на трибина и со граѓаните во Гевгелија од каде што упати порака до премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека Македонија не е негов експеримент ниту негов вилает
Според Филипче, претстојните избори не се обичен изборен процес, туку суштинска борба за иднината на државата и ги повика граѓаните масовно да излезат на гласање на 19 октомври за да испратат јасна порака до актуелната власт дека е доста од лаги и ароганција

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) вели дека секојдневно се водат црни кампањи и се кажуваат лаги против партијата. Тој од граѓанската трибина што вечерва се одржа во Валандово рече дека власта прибегнува кон спинови, лаги и црни кампањи поради недостиг на визија и резултати.
„Кога нема визија, кога нема работа, кога нема план, кога нема резултати и кога граѓаните се на последно место е тогаш се прибегнува кон спинови, лаги и црни кампањи. Секој ден ја гледаме црната кампања против СДСМ. Измислени афери што им се распаднаа една по една. Беа хибридни напади, дронови, а сега некакви стикови. Никако да разберат дека граѓаните ги прочитаа. Ниту јас, ниту СДСМ нема да влезе во калта во која тие се чувствуваат комотно. Ќе продолжиме да ја разобличуваме лажната и лицемерна власт и уште повеќе ќе зборуваме за секојдневните, реални проблеми на луѓето“,
рече Филипче.
Претходно Филипче беше на трибина со граѓаните во Гевгелија од каде што упати порака до премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека Македонија не е негов експеримент ниту негов вилает.
„Ова е наша татковина, наш заеднички дом и ние ќе се избориме за него, ние од СДСМ, ние коишто секогаш ја градевме државата во кризи, во несигурност, во време кога требаше храброст, а не популизам“,
рече Филипче пред граѓаните на Гевгелија.
На трибината беа претставени кандидатот за градоначалник Миле Атанасов и кандидатите за советници.
Филипче истакна дека СДСМ не ги лажел луѓето, туку секогаш бил тука за нив.
„И повторно сме тука. И повторно ќе ја исправиме државата. Македонија се буди. Повторно ќе го вратиме чувството дека власта постои за луѓето, а не за партијата. СДСМ не е само партија. СДСМ е идеја, движење за општеството во кое секој еден човек е важен. И таа идеја повторно се раѓа во секоја улица“,
рече лидерот на СДСМ.
Тој го критикуваше владеењето на ВМРО-ДПМНЕ во изминатите четири години во Гевгелија обвинувајќи дека единствено што е направено е тоа што се покачени сметките.
„Наместо да го олеснат животот тие ја зголемија цената на секојдневието, оставајќи ги граѓаните со повисоки давачки. Општината е целосно отуѓена и од потребите и од луѓето“,
обвини тој додавајќи дека гласот за кандидатите на СДСМ е глас за враќање на Општината во рацете на граѓаните.

Според Филипче, претстојните избори не се обичен изборен процес, туку суштинска борба за иднината на државата.
„Ова не се обични избори. Ова е борба за вистината, за достоинството, за иднината на нашиот заеднички дом, Македонија“,
кажа Филипче.
Тој ги повика граѓаните масовно да излезат на гласање на 19 октомври за да испратат јасна порака до актуелната власт дека е доста од лаги и ароганција.
„Ве повикувам, Гевгелија, со својот глас да ја испратите првата порака: доста е од лаги, доста е од ароганција, доста е од власт која се грижи само за себе. Да ја вратиме правдата, да ја вратиме солидарноста, да ја вратиме надежта дека оваа земја може да биде место каде вреди да се остане и да се живее“,
рече лидерот на СДСМ.
Говорејќи за економската состојба во државата, Филипче рече дека со ВМРО-ДПМНЕ дојдоа тешки времиња.
„Цените секојдневно растат, луѓето мака мачат да ги наполнат трпезите, а платите не стојат туку паѓаат. Цела Македонија живее под тежината на една голема измама. Власт која ветуваше подобар живот, а донесе сиромаштија. За нив се е само пиар и пропаганда. Никаква грижа, никаква емпатија, никакво чувство за народот нема ВМРО-ДПМНЕ“,
обвини тој.
Филипче ги коментираше и последните статистички податоци за намалување на инфлацијата за 0,2 отсто нарекувајќи ги статистички трикови и спинови со кои власта се обидува да ги убеди граѓаните дека сè е во ред.
„Народот не живее од статистички финти и бројки. Престанете да лажете и земете нешто направете. Државата, Владата не е тоа пиар-агенција на Мицкоски. На народот му е потребна вистинска помош“,
рече Филипче.