Говорејќи за проблемите со кои се соочува градот, Филипче предупреди дека, покрај негрижата за инфраструктурата и јавната хигиена, во Тетово се нарушуваат мултиетничкиот карактер на градот и принципите на соживот
Од авион се гледа дека власта свесно го кочи реформскиот процес во судството, нема поднесено ниту еден закон во Собранието за оваа сфера и поради тоа е нервозна, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче на вечерашната трибина во Тетово во рамките на кампањата за локалните избори закажани за 19 октомври.

„Го слушам Мицкоски на митинзите зборува за некаков „ресет на системот“, а всушност тој е тој што само бара изговори да не ја спроведе вистинска реформата во судството. Од авион се гледа дека оваа влада свесно го кочи реформскиот процес. Единствената цел на премиерот е да поставува свои судии и обвинители затоа ниту еден реформски закон не е поднесен во Собранието“,
рече Филипче.
Тој ги повика граѓаните во Тетово да не молчат пред неправдата, туку да ја земат иднината во своите раце и на 19 октомври да излезат и да направат промени, да се изборат за држава, која, како што кажа, нема да биде нечија сопственост туку заеднички дом со правила кои важат за сите.
Во своето обраќање Филипче се осврна на историската улога и вредносниот континуитет на СДСМ, велејќи дека се партија што ги негува темелите на државноста, еднаквоста и борбата за слобода.
Тој посочи дека македонскиот народ секогаш бил на вистинската страна на историјата и оти секогаш знаел и умеел да се избори за својата иднина.
„СДСМ е наследник на највозвишениот идеал за Македонија, на борбата за слобода, рамноправност и достоинство. Нашите корени се во АСНОМ, во генерациите што ја поставија темелната вредност – државата да биде дом за сите. И вечерва сме заедно сплотени во желбата за промени, во вредностите што не зближуваат, за Тетово кое ќе обединува, а не да разделува. СДСМ не е само политичка партија, туку вредносно и историско движење кое е длабоко вкоренето во антифашистичката борба, солидарноста и стремежот кон праведно општество“,
рече Филипче.
Тој им порача на присутните дека со поддршка на СДСМ можат повторно да ја вратат нормалноста и да го отворат патот за достоинствен живот во Тетово.
„Денес повеќе од било кога, иднината е во рацете на граѓаните и не смее повеќе да се молчи пред неправдите на Владата на ВМРО-ДПМНЕ. Нашата сила е во единството и само така можеме да направиме промени. Да се избориме за држава која е ничија приватна сопственост, туку заеднички дом со правила што важат за сите. Без силен СДСМ, единствената можност и надеж дека Македонија ќе биде правична, човечна и демократска држава со јасна перспектива напред, едноставно пропаѓа“,
рече лидерот на социјадемократите.
Филипче од граѓанската трибина упати критика и за економските и социјалните политики на Владата на ВМРО-ДПМНЕ, посочувајќи дека младите си заминуваат, поради ниски плати, сиромаштија и целосна нефункционалност на институциите.
„Како да задржиме млад човек тука со плата што не ја покрива ни киријата ни сметките? Каква иднина да градиме, ако човек со полно работно време е сиромашен?“,
праша Филипче.
Тој кажа дека земјава денес се соочува со највисоки цени за храна во регионот, додека владата наместо вистински антикризни мерки, нуди лажни кампањи и манипулации со „потрошувачки кошници“.

Говорејќи за проблемите со кои се соочува Тетово, Филипче предупреди дека, покрај негрижата за инфраструктурата и јавната хигиена, во Тетово се нарушуваат мултиетничкиот карактер на градот и принципите на соживот.
„А она што е најзагрижувачки, во мултиетничкиот дух на Тетово, наместо да градиме заедништво, гледаме примери на нарушување на основниот принцип на соживот и почитување на државните симболи. На јавни настани нема македонски превод, не се користат државните симболи, не се почитува доследно Законот за употреба на македонски јазик”,
рече лидерот на СДСМ.
За него, рече, е недозволиво ваквото однесување на локалната власт, притоа критукувајќи го молкот на Владата и Мицкоски за нивниот коалиционен партнер, Билал Касами, актуелен градоначалник на Тетово и кандидат на ВЛЕН за втор мандат на функцијата
„А Владата на ВМРО-ДПМНЕ, чиј коалиционен партнер ја менаџира локалната самоуправа, е само нем посматрач на ваквите состојби. Тоа е ВМРО-ДПМНЕ, молчи кога се газат државните симболи, но е најгласна кога треба да шири поделби и национализам за дневнополитички цели. Тоа е лицемерието на оваа власт – глуми патриотизам, а со двете раце ја поткопува државата”,
кажа Филипче.
Говорејќи во таа насока, лидерот на СДСМ пред присутните порача дека патриотизмот не се мери со празни зборови и поделби, туку со дела, одговорност и почит кон сите граѓани, кон државата и нејзините симболи.
Лидерот на СДСМ вечерва говореше и на граѓанската трибина во Јагуновце.
„Зошто некој да и верува на оваа власт повторно? Ако пред само година и пол излажаа за сè што ветија, тогаш бидете сигурни дека лажат и сега. Граѓаните не сакаат жалопојки. Сакаат решенија. Сакаат правда. Сакаат живот со достоинство. Сакаат грижа кога ќе имаат проблем“,
порача Филипче од Јагуновце.