Во Штип има моментно 539 активни случаи на ковид-19, а право на глас имаат 41 777 избирачи, пријавени се пет кандидати за градоначалник, а ВМРО-ДПМНЕ не учествува на изборите
Министерот за здравство Венко Филипче, вечерва, преку онлајн-обраќање до штипјани, се вклучи во кампањата за поддршка на кандидатот на СДСМ за градоначалник на Штип – кардиологот Сашко Николов.

Филипче ги повика граѓаните на Штип на 13 декември да излезат на дополнителните локални избори, за кои рече дека ќе бидат целосно безбедни по јавното здравје, и својот глас да го дадат за Николов, актуелен пратеник од мнозинството.
„Резултатот на доктор Сашко Николов е илјадници спасени животи и тоа на врвен начин, со ниво на експертиза што се спроведува во европски и светски центри. Тоа е најдобриот начин да излезе меѓу граѓаните и да го побара гласот, бидејќи неговиот влог дал резултат“,
нагласи Филипче.
Тој најави инвестиции во Центарот за јавно здравје и во Здравствениот дом во Штип
Министерот за здравство, исто така, оцени дека однесувањето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ е апсолутно нерационално и апсурдно, посочувајќи дека организираат протести на кои не ги почитуваат мерките за заштита, а не одат на избори, наводно поради пандемијата.
„Што да се каже за луѓе на кои во потсвеста им стои името на премиерот Зоран Заев, ги оптеретува, со тоа се будат и заспиваат и свесни се дека прават нешто што не треба. Ако опозицијата не го кочеше заемот од Светска банка, сега наместо една модуларна болница, кај Инфективната клиника, ќе имавме 16 опремени модуларни болници, сега ќе бевме спремни, пациентите со ковид ќе беа сместени надвор од болниците, за сегашните болници да останат за другите пациенти“,
рече Филипче.
Според последниот билтен на Министерството за здравство, во Штип, во изминатото деноноќие, има 46 нови случаи на ковид-19, а излекувани се 34 пациенти. Од почетокот на епидемијата, во оваа општина се регистрирани 2 871 случаи на коронавирус, од кои моментно се активни 539.
На дополнителните избори за градоначалници – право на глас во Штип имаат 41 777 избирачи, а во Пласница 4 954. Лицата кои се заразени со ковид-19 или се во самоизолација ќе може да го остварат правото на глас два дена порано, на 11 декември, во своите домови, доколку се пријавиле за гласање во ДИК – 7 дена пред денот определен за гласање.