Изминатите четири години локална власт на ВМРО-ДПМНЕ и година и пол централна власт, како што рече Филипче, не донеле ништо добро за државата и граѓаните
Лидерот на СДСМ Венко Филипче, вечерва од Ресен повика на масовна излезност на локалните избори во недела. На митингот во овој град, Филипче порача дека овие избори не се само избор меѓу партии, туку избор меѓу минатото и иднината.

„Да се обединиме околу вистинските вредности и да покажеме дека имаме сила и храброст да се избориме за нашиот дом, за нашата иднина, за нашето семејство. Само обединети и само со силен СДСМ може државата да оди напред. Само тогаш може да зборуваме за вистински развој и за стабилност“,
рече Филипче.
Изминатите четири години локална власт на ВМРО-ДПМНЕ и година и пол централна власт, како што рече Филипче, не донеле ништо добро за државата и граѓаните.
„Изминатите четири години локална власт на ВМРО-ДПМНЕ и година и пол централна власт не донесоа ништо добро за државата и граѓаните, резултатот им е чиста нула. Ниту еден нов проект, ниту една инвестиција, ниту една реална мерка што го подобрува животот. Празни ветувања и безидејност. Застој, запуштени општини, заборавени граѓани. И овде во Ресен многу јасно се гледа нивното неработење. Погледнете го Ресен денес после четири години, што ветуваа, а што се направи“,
посочи Филипче.
Лидерот на СДСМ рече дека ветените проекти останале само на хартија и наместо развој во Ресен, граѓаните добиле застој.
„Ги нема ветуваните нови стопански комплекси, нема нови инвеститори во туризмот, нема реконструкција на водовод и канализација, нема нови патеки, нема поддршка за младите, за социјално загрозените лица, нема енергетски ефикасна општина, нема развој на туризмот, на спортот и на културата. Ова ‘ништо’ и нула сработено не смее да продолжи и следните четири години да го уништува Ресен, да го уништува регионот и да ги брка младите од градот. Не смееме да го оставиме Ресен на неспособни и неодговорни кадри кои забораваат и не се грижат за нивните сограѓани“,
порача Филипче.
тој посочи дека ВМРО-ДПМНЕ не води сметка за народот, туку за себе и дека тоа е суштинската разлика меѓу двете партии.
„Не водат сметка за народот, туку за себе и за партиските другари. И тоа е суштинската разлика меѓу нив и меѓу нас, социјалдемократите. Ние се бориме за секој човек, за секое семејство, за интересот и прогресот на народот. Ние секогаш сме служеле на народот и не сме ги оставале граѓаните сами“,
рече Филипче.