Филипче денеска при посетата на пазарот во Куманово, каде што беше придружуван од нивниот кандидат за градоначалник, Мартин Костовски, упати критики до Владата за зголемувањето на пензиите, велејќи дека пензионерите се „последната група граѓани којашто оваа власт ја прелажа“
Тој го критикуваше и актуелниот градоначалник Максим Димитриевски дека го изгубил кредибилитетот и „седна во скутот на власта и ги поддржува сите политики на ВМРО-ДПМНЕ“

Лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче, смета дека неговата партија не е таа која води „црна“ кампања за локалните избори и обвинува оти тоа го прави лично премиерот.
Според Филипче, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски е тој што постојано во кампањата зборува за Дубаи, станови, авиони.
„Не знам каде ја гледа и во што ја гледа премиерот црната кампања. Тој посегнува, го слушам вчера, повторно по тие нивни напади и конструкции, измислени приказни. ОК, јасно е, човекот нема што да каже, нема ниту едно исполнето ветување. Нема ниту еден проект со којшто може да се пофали и посегнува по тоа. Ние не водиме црна кампања, ние ја кажуваме црната вистина во државата којашто дојде како резултат на неговите политики. Ете тоа ние го правиме во овој момент“,
рече Филипче.
Филипче денеска при посетата на пазарот во Куманово, каде што беше придружуван од нивниот кандидат за градоначалник, Мартин Костовски, упати критики до Владата за зголемувањето на пензиите, велејќи дека пензионерите се „последната група граѓани којашто оваа власт ја прелажа“.
Тој подвлече дека 97 отсто од пензионерите добиле само 1 000 денари зголемување, кое е веќе „изедено од инфлацијата“ и нема да почувствуваат ништо.
„Да останеше нашиот систем на методологија за зголемување на пензиите, сега 97% од пензионерите наместо 1 000 ќе земеа 2 000 денари зголемување“,
истакна Филипче.
Лидерот на СДСМ предупреди дека со воведувањето линеарно зголемување, пензискиот фонд е загрозен, а „дупката“ за покривање на пензиите од државата се зголемила од 30 на 50 отсто.
Посетата на пазарот во Куманово, Филипче ја искористи да им порача на граѓаните дека пазарот нема да се продаде, туку дека кандидатот на СДСМ, Мартин Костовски, има детален план за негова реконструкција и изградба на подземен паркинг.
Одговарајќи на прашање за локалните избори, Филипче изјави дека Костовски е фаворит за победа и го опиша како „чесен човек, професионалец, без дамка во неговата работа“.
Тој го критикуваше и актуелниот градоначалник Максим Димитриевски дека го изгубил кредибилитетот и „седна во скутот на власта и ги поддржува сите политики на ВМРО-ДПМНЕ“.
„Куманово не заслужува уште еден мандат на Димитриевски, а Мартин Костовски е вистинскиот избор“,
порача лидерот на СДСМ.