Според лидерот на СДСМ, неопходно е Партијата на европските социјалисти (ПЕС) и Социјалистите и демократите (СД) во Европскиот парламент да преземат активна улога во процесот на проширување на ЕУ, оценувајќи оти сегашниот застој во проширувањето не е само техничко или административно прашање, туку дека има многу пошироки и опасни последици по демократскиот развој на земјите кандидатки
Потребна е сеопфатна и амбициозна агенда од социјалдемократските партии која ќе го забрза процесот на проширување во Европската Унија, обезбедувајќи демократска стабилност и напредок во регионот.

Ова го порача лидерот на СДСМ, Венко Филипче, во своето обраќање на конференцијата „Започнување на Програмата на С&Д ‘Вили Брант’ за проширување на ЕУ“, која се одржа во Брисел.
„Во период на динамични геополитички промени, повеќе од кога било е потребна социјалдемократијата како идеологија која нуди приоритет на трансатлантската солидарност, социјалната еднаквост и демографскиот интегритет. Никаде оваа визија не е повитална како на Балканот и во Северна Македонија, која претставува раскрсница на европските аспирации и современата геополитичка ранливост. Процесот на проширување не е само механичко прилагодување на законите или административно исполнување на критериумите за пристапување, тој е прашање на надворешно политичко и геополитичко значење“,
порача Филипче во обраќањето.
Според него, неопходно е Партијата на европските социјалисти (ПЕС) и Социјалистите и демократите (СД) во Европскиот парламент да преземат активна улога во процесот на проширување на ЕУ, оценувајќи оти сегашниот застој во проширувањето не е само техничко или административно прашање, туку дека има многу пошироки и опасни последици по демократскиот развој на земјите кандидатки.
„Застојот само ги зајакнува авторитарните тенденции и ги зајакнува десничарските и екстремно десничарските политички сили во нивните земји, што оди на штета на демократскиот развој на овие земји. Сега е вистинско време социјалдемократите да го засилат процесот на проширување, во кој предолго беа заложници. Ако Европа и социјалдемократите не го пополнат постоечкиот вакуум, тогаш тоа ќе го сторат антидемократските и антиевропските сили“,
порача Филипче.
Лидерот на СДСМ оцени дека Владата на С Македонија не е подготвена да го продолжи евроинтеграцискиот процес на земјава, што, како што рече, сериозно ја загрозува иднината на државата. Оцени оти македонската влада е пример за немање стратегија, особено во поглед на прогресот во евроинтеграциите.
„Северна Македонија е во бизарна ситуација на таканаречено самонаметнато вето, бидејќи Владата одбива да ги спроведе потребните уставни измени за да продолжи со пристапниот процес“,
додаде лидерот на СДСМ.
Конференцијата „Започнување на Програмата на С&Д, ‘Вили Брант’ за проширување на ЕУ“, на која учествуваше Филипче се одржа во организација на прогресивната Алијанса на социјалисти и демократи во ЕП.