„За жал, се носи еден таков сериозен закон по скратена постапка за да нема доволно време за дискусија или за анализа од страна на експертите и експертската јавност. Тој закон е поминат на Влада на 3 септември. Очигледно, цела недела се крие од јавноста. Се поставува прашањето зошто на таков шверцерски начин се обидуваат таков закон да протнат во Собранието по скратена постапка“, вели лидерот на СДСМ
Законот за кредит од Унгарија што го најави Владата е голем корупциски проект, за кој каматите ќе ги плаќаат идните генерации. Ова денеска го изјави Венко Филипче од Струмица одговарајќи на прашањето како го коментира задолжувањето на Владата од Унгарија што ќе се носи по скратена постапка, при што додаде дека сето она што како партија го укажуваме изминатиот период, сега излегува дека е вистина.

„За жал, се носи еден таков сериозен закон по скратена постапка за да нема доволно време за дискусија или за анализа од страна на експертите и експертската јавност. Тој закон е поминат на Влада на 3 септември. Очигледно цела недела се крие од јавноста. Се поставува прашањето зошто на таков шверцерски начин се обидуваат таков закон да протнат во Собранието по скратена постапка“,
рече тој.
Според него, корупција во овој закон се гледа од авион. Најави дека СДСМ многу внимателно ќе следи кои ќе бидат формите што ќе бидат назначени од Унгарија и ќе бидат одговорни за провизиите, а сите работи што ќе ги откриваат, како што рече, ќе ги презентираат на јавноста.
„Имено, како никогаш досега една фирма која ќе биде одговорна за провизиите ја назначува унгарската банка која ги дава парите. Тоа никогаш не било сценарио и не се случувало во нашата земја. Секогаш кога имало меѓународна куќа, таа била позната и етаблирана, а ја обезбедувала државата со цел да се заштити. Сметам дека тоа е еден голем корупциски проект што е озаконет, односно веќе влегува во законска процедура, а генерации понатаму ќе плаќаат камати“,
вели Филипче.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска рече дека 70 илјади евра ќе изнесуваат провизиските трошоци за правни услуги што земјава треба да ѝ ги плати на независна фирма избрана од страна на Унгарската експорт-импорт банка, која на земјава треба да ѝ позајми 500 милиони евра.
Инаку, пред да се изгласа предлог-дневниот ред за денешната 14. собраниска седница, пратеникот Бојан Стојаноски од владејачката ВМРО-ДПМНЕ предложи негово дополнување со предлог-законот за задолжување на Република Северна Македонија од 500 милиони евра кај Унгарската експорт-импорт банка.
Во образложението на Предлог-законот за задолжување на Република Северна Македонија од 500 милиони евра кај Унгарската експорт-импорт банка, кој се носи по скратена постапка, меѓу другото, се наведува дека Република Северна Македонија ќе ѝ плати провизија за извршени правни услуги на независна фирма избрана од страна на Унгарската експорт-импорт банка, приватно друштво со ограничена одговорност.
Провизијата за извршени правни услуги ќе се плати пред повлекување на траншата.