Лидерот на СДСМ најави дека неговата партија оваа недела ќе го презентира документот за резолуцијата пред јавноста и сите политички партии, со цел да се утврдат црвените линии и да се покаже кој е искрен во однос на европската иднина на земјата

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ со лажна кампања дојде на власт и ги запре преговорите со Европската Унија, изјави денеска претседателот на СДСМ, Венко Филипче. Тој нагласи дека Владата бара изговори за да не ги спроведе уставните измени, додека реформските закони и дипломатската активност се во застој.
„Ветуваа подобри преговарачки позиции, а не спомнаа дека преговорите ќе запрат. Сега ништо не се случува. Од една страна ништо не се случува ниту со реформската агенда, нема носење реформски закони во парламентот ниту, пак, нешто се случува во делот на тоа што е добиена понуда од цела ЕУ, а тоа е да се направат уставните измени и да се отворат поглавјата за преговори со ЕУ“,
изјави Филипче по посетата на ОУ „Киро Глигоров“ во Општина Центар.
Одговарајќи на новинарско прашање за отфрлањето на резолуцијата од страна на премиерот, Филипче истакна дека Владата само бара изговори.
„Едно е да бараат изговори, а тоа го прави Владата. Прво бараа одложено дејство на уставните измени, видоа дека не може. Цела Европа им кажа дека тоа е невозможно. Бараа Бугарија да прифати пресуди на Судот за човекови права во Стразбур и тоа видоа дека не може да го изменаџираат“,
рече Филипче додавајќи дека нема никаква дипломатска активност на оваа тема.
Тој вели оти е очигледно дека власта е конзистентна кон тоа да нема преговори со ЕУ и оти СДСМ тоа нема да го дозволи.
„Ќе се бориме поради тоа што е единствената иднина за нашата земја и ќе ставиме на масата. Еве резолуција, да ги утврдиме нашите црвени линии за да укажеме јасно и гласно дека сите треба да бидат чесни кога кажуваат какви се политиките, а не да се користат со лаги и манипулации за скриено да протуркаат некоја своја политика која очигледно не не води никаде“,
додаде тој.
Лидерот на СДСМ најави дека неговата партија оваа недела ќе го презентира документот за резолуцијата пред јавноста и сите политички партии, со цел да се утврдат црвените линии и да се покаже кој е искрен во однос на европската иднина на земјата.
„Ако има чесен пристап од страна на власта, ќе седнат и ќе разговараат, дали на лидерска средба, дали во парламентот“,
рече Филипче.
Прашан за лидерска средба, Филипче изјави дека тоа секогаш е отворена понуда затоа што најважните прашања за државата така треба да се решаваат.
За обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека е лицемерен по објавата за инвестицискиот „бум“, Филипче рече дека излегуваат со бројки и со аргументи.
„Гледаме дека во првите шест месеци лани странските инвестиции биле над 500 милиони евра, а сега се 220 во првите шест месеци годинава. Ете ги резултатите од економските политики на Владата“,
додаде тој.
Тој, исто така, истакна дека индустриското производство не е физички зголемено туку само има раст во цените.
„Цените во маркетите не се под контрола, платите никако не растат, а со лозарите вчера го коментиравме проблемот. Вие може да излезете и да кажете што било, но луѓето знаат колку пари добиваат секој први и колку можат да им купат на децата“,
кажа Филипче.
Филипче минатата недела во телевизиско гостување рече дека неговата партија ќе изготви документ кој ќе го достави во текот на оваа недела до Собранието, кој ќе придонесе за одблокирање на евроинтеграциите во услови кога соседните држави Албанија и Црна Гора бележат напредок, а Македонија не.
Премиерот Христијан Мицкоски на ваква најава од Филипче рече дека на граѓаните им се потребни јасна политика и јасна визија на борба со аргументи и додава дека ова е работа што треба да ја водат сериозни луѓе со јасна визија и стратегија
„Нашата позиција како влада ја знаете. А тој тип итроштини ќе ги оставиме во минатото“,
беше одговорот на Мицкоски.