Министерот за земјоделство Цветан Трипуновски најави дека годинава ќе се интензивираат контролите на терен со цел субвенциите да завршат кај вистинските земјоделци, а не кај оние кои не обработуваат земјоделски површини, а сакаат да се корисници на субвенции
Владата ги скрати субвенциите за земјоделците за 40 милиони евра и ја намали поддршката за лозарите – обвини лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој по повод празникот Свети Трифун денеска присуствуваше на традиционалното закројување на лозјата во кавадаречкото село Моклишта.

Земјоделството, според него, во мало го отсликува пристапот на актуелната власт генерално во државата.
„Откако ги фатија од Европа како крадат европски пари ја суспендираат ИПАРД-програмата, сега владата ја намалува и програмата за субвенции во земјоделството во целост. Од 140 на 100 милиони евра. Се кратат околу 40 милиони евра, односно една третина помалку пари кај сите сектори во земјоделството, сточарството, лозарството, полјоделството, овоштарството. Тоа значи дека овие земјоделци нема да имаат доволно поддршка од државата како што тоа го имаше во времето на владата на СДСМ“,
рече Филипче.
Обвини дека владата уште повеќе го ограничува пристапот до субвенции со тоа што, прагот на земја што треба да се обработува за воопшто да се аплицира за субвенционирање, го зголемува од 0,2 на 0,5 хектари.
Наводите на лидерот на опозициската партија целосно ги отфрли министерот за земјоделство Цветан Трипуновски.

„Изминативе денови слушам дека опозицијата шири невистини во јавноста со наводно кратење на субвенциите, дека имаме сериозно кратење од 40 милиони евра, што апсолутно го отфрлам и е неточно“,
изјави Трипуновски од Кавадарци каде што денеска го одбележа празникот Свети Трифун.
Во однос на условите за добивање на субвенциите, Трипуновски рече дека во новата програма е предвидена минимална површина од 0,5 хектари за да се оствари правото на финансиска поддршка. Целта, како што рече, е дополнително да се зголеми земјоделското производство, особено на винските сорти грозје од кои потоа ќе се прозиведе квалитетно македонско вино што ќе се продава на странските пазари.
Трипуновски најави дека годинава ќе се интензивираат контролите на терен со цел субвенциите да завршат кај вистинските земјоделци, а не кај оние кои не обработуваат земјоделски површини, а сакаат субвенции.
