Филипче прашува дали постои поголем доказ за партиско влијание од одлуката со која се запираат процесите каде што ВМРО-ДПМНЕ е предмет на истражување
Мицкоски, одговарајќи на прашање за одземањето на ингеренциите на обвинителката Ленче Ристоска за случаите поврзани со ВМРО-ДПМНЕ, рече дека тоа е одлука на Обвинителството и оти за тоа одговори треба да се бараат таму
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, обвини дека има директна партизација на правосудниот систем, коментирајќи ја одлуката на државниот јавен обвинител Ненад Савески за повлекување на овластувањата на дел од обвинителите.

Филипче истакна дека овој потег е потврда зошто СДСМ во Собранието не даде поддршка за изборот на актуелниот државен јавен обвинител. Според лидерот на опозицијата, обвинителот Савески работи под директен диктат на Христијан Мицкоски. Филипче прашува дали постои поголем доказ за партиско влијание од одлуката со која се запираат процесите каде што ВМРО-ДПМНЕ е предмет на истражување.
Тој нагласи дека ова е продолжение на праксата воспоставена уште од почетокот на мандатот на новата влада, со инсталирање кадри во Судскиот совет и во обвинителствата.
„Укажувавме дека се партизира судството, укажувавме дека не се спроведува реформската агенда со законите од правосудството. Ова не нè изненадува, обвинителот е под директна контрола на премиерот, тоа е знак и ништо друго“,
рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Инаку, со одлуката на Савески, обвинителката Ленче Ристоска останува без предметите „Талир 1“ и „Талир 2“, во кои се опфатени поранешни високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ, но и самата партија како правно лице.
Денеска, премиерот Мицкоски, одговарајќи на прашање за одземањето на ингеренциите на обвинителката Ленче Ристовска за случаите поврзани со ВМРО-ДПМНЕ, рече дека тоа е одлука на Обвинителството и оти за тоа одговори треба да се бараат таму.
„Тоа е одлука на Обвинителството. Јас немам што да коментирам тука, можеби треба нив да ги прашате“,
рече Мицкоски.
Тој и денеска рече дека очекува од Савески одговори до јавноста како се одвивале одредени процеси поврзани со „оживувањата“ на предметите на СЈО, кога поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева беше веќе во затвор, како десетици луѓе биле судени за тероризам, а заштитени сведоци под присилба давале искази за случувањата на 27 април во Собранието, но и за пренесувањето на ингеренциите за пожарот во модуларната болница во Тетово, за случаи во енергетиката, во делот на јагленот, дали постојат фирми што спонзорирале одредени политичари, нивни возила, имоти.
Премиерот, одговарајќи на новинарско прашање, изјави дека доколку нема доволен капацитет за отворање толку многу случаи, Владата – како што веќе одобри 200 нови вработувања во судовите – ќе даде согласност и за нови вработувања во Обвинителството.
Вчера државниот јавен обвинител Ненад Савески рече дека ќе ги повлече овластувањата што неговите претходници им ги дале на дел од обвинителите за да можат да работат на предмети од други обвинителства. Тој рече дека овој негов потег не е поврзан лично со Ристоска и дека нема политичка заднина, туку оти е во насока на воведување ред и евиденција.
Вели дека одлуката е за сите предмети што се работеле со овластувања, зашто кога дошол му биле дадени куп такви предмети во кои обвинители постапувале по предмети од обвинителство каде што не работат.
Инаку, едниот предмет што го застапува Ристоска е на ОЈО ГОКК, па со оглед на тоа што таа е обвинител на ОЈО Скопје ќе ѝ биде одземен по сила на генералната одлука на Савески. Другиот предмет е на ОЈО Скопје, а дали ќе го задржи зависи од тоа дали ѝ е даден со овластување или го добила како обвинителка во тоа обвинителство. Неофицијално, и тој предмет Ристоска го застапувала со овластување.
