Лидерот на СДСМ ги повика пратеничката Рашела Мизрахи и тогашниот министер за здравство Фатмир Меџити да одговорат дали овие извештаи биле криени со цел да го вовлечат и обвинат во скандалот и дали истите не биле доставени до истражните органи кои водат постапка за случајот
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, ги демантира обвинувањата на пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи, за негова наводна одговорност во врска со случајот со терапијата на Клиниката за онкологија. Вели дека и во најтешките ковид-времиња, ниту еден онколошки пациент не бил оставен без терапија.
„Обвинувањето беше дека како тогашен министер сум требал да водам сметка за тоа што биле обврски на Министерството кон Клиниката за онкологија и обратно, а се однесува на редовните шестмесечни извештаи за работата на Клиниката и стручните комисии. Мизрахи тврди дека немало такви извештаи од Клиниката кон Министерството, дека немало стручна контрола од стручните комисии“,
изјави Филипче на денешната прес-конференција.

Филипче додаде дека извештаите за коишто власта го клевети дека ги немало се доставени до него од страна на искрени и чесни вработени во Министерството кои, како што рече, знаат што направил за пациентите и за вработените во здравството. Рече дека сите извештаи се уредно заведени во електронскиот систем.
„Сакам да ги покажам тие документи на јавноста. Еве ги сите извештаи за сите години од мојот мандат од 2017 до 2022. Еве ги сите стручни комисии по области, така се направени по различни области согласно експертизата на лекарите коишто работат на Клиниката“,
рече Филипче покажувајќи ги документите.
Лидерот на СДСМ ги повика пратеничката Рашела Мизрахи и тогашниот министер за здравство Фатмир Меџити да одговорат дали овие извештаи биле криени со цел да го вовлечат и обвинат во скандалот и дали истите не биле доставени до истражните органи кои водат постапка за случајот.
„Откако извештаите беа доставени до мене јас ги доставив до Обвинителството и очекувам да бидат земени и анализирани во рамки на постапката која се води, меѓутоа очекувам и да биде анализирано зошто досега биле криени. Сакам да го прашам ВМРО-ДПМНЕ и Рашела Мизрахи зошто го направија и го прават ова. Дали е толку важна политичката хајка против мене, дали толку вреди ако сте процениле дека сте имале некаков политички бенефит. Дали има нешто позлобно од тоа да се прикрива вистината за еден таков грозоморен случај за политичките поени и да се кријат докази. Очекувам да се извинат на целата јавност и на мене што ја донесоа јавноста во заблуда и го оцрнија моето име“,
изјави лидерот на СДСМ.