Лидерот на СДСМ оцени дека синоќешниот напад врз редакцијата на „Инфомакс“ е направен со цел власта да ја дефокусира јавноста од прашањето за мигрантите, за кое опозициската партија поднесе резолуција во Собранието
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, остро го осуди синоќешниот напад врз редакцијата на „Инфомакс“, оценувајќи го за најголемиот медиумски инцидент по упадот во телевизијата А1 во 2010 година. Според информациите што ги има СДСМ, како што рече Филипче, напаѓачот е член на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

„Злоупотребата на власта и на моќта синоќа ја видовме на дело. Ова сценарио го гледавме кај нас пред десет години за време на владеењето на Никола Груевски и Сашо Мијалков, за време на владеењето на ова исто ВМРО-ДПМНЕ кое денес ја крои судбината на Македонија. Нема да дозволиме да нè вратат во медиумскиот мрак во кој живеевме десет години под нивна власт“,
изјави Филипче на денешната прес-конференција.
Тој ги повика институциите да се ослободат од стегите на ВМРО-ДПМНЕ и да ги изведат извршителите и нарачателите на нападот пред лицето на правдата. До медиумските здруженија упати повик да застанат во одбрана на своите колеги и на основните демократски начела за кои, како што посочи, граѓаните се избориле во 2016 година.
Според Филипче, со синоќешниот напад врз редакцијата на „Инфомакс“ започнало српското сценарио во Македонија, за кое рече дека владејачката ВМРО-ДПМНЕ го презема по моделот на Србија.
„Денови наназад зборуваме за моделот која е преземен од Србија. По првиот протест на студентите по трагедијата во Нови Сад, непознати лица кои подоцна се покажа дека се членови на владејачката СНС на Александар Вучиќ, по налог ги претепаа со стапови и палки мирните демонстранти. Веднаш потоа започнаа напади врз новинари, газење студенти со автомобили и физички пресметки со неистомисленици“,
изјави Филипче.
Лидерот на СДСМ оцени дека синоќешниот напад врз „Инфомакс“ е направен со цел власта да ја дефокусира јавноста од прашањето за мигрантите, за кое опозициската партија поднесе резолуција во Собранието, а со која власта би гарантирала дека во земјава нема да се примаат мигранти.
„ВМРО-ДПМНЕ не сака да ја потпише резолуцијата и да им даде гаранција на граѓаните бидејќи не може, бидејќи се обврзале да примат мигранти. Избори се планираат за пролет и по истиот модел на Вучиќ за литиумот, Мицкоски со истата техника сака да го протне проектот мигранти за пари. Сака да ги замачка очите на народот да го изврши ова страшно дело за по изборите да се обиде да добие уште четири години власт за да има време да ги избрише трагите за една од најголемите измами што граѓаните ја доживеале“,
додаде Филипче.
Поради инцидентот, Филипче ги повика сите релевантни политички партии, невладиниот сектор, граѓанското општество, студентите и угледните поединци да одржат состанок на кој би ги договориле следните чекори за спасување на државата од, како што рече, предавниците ВМРО-ДПМНЕ и од српското сценарио на пропаст.
