Лидерот на СДСМ рече дека не е постигнат посакуваниот изборен резултат, но, како што вели, резултатот не е лош со оглед на околностите. Рече дека во добар дел од општините СДСМ има зголемување на бројот на гласови во однос на ланските избори
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, вечерва на прес-конференција објави победа во три општини во првиот круг од локалните избори – Крива Паланка, Кривогаштани и Богданци. Кандидатите на СДСМ, како што рече, водат и во девет други општини каде што ќе се оди во втор круг на 2 ноември.

„Од пребројаните близу 70 отсто од гласовите водиме во девет општини – Центар, Пробиштип, Чучер Сандево, Чешиново-Облешево, Валандово, Конче, Крушево, Лозово и Росоман. Таму ќе има втор изборен круг. Дополнително, во уште неколку општини каде што сме на второ место – Неготино, Македонска Каменица, Ранковце, Дојран, Демир Капија, Зрновци и очекуваме податоци од уште неколку општини“,
изјави Филипче.
Лидерот на СДСМ рече дека не е постигнат посакуваниот изборен резултат, но, како што вели, резултатот не е лош со оглед на околностите. Дополнително, Филипче посочи дека во добар дел од општините СДСМ има зголемување на бројот на гласови во однос на ланските парламентарни и претседателски избори.
„Тоа е доказ на таа консолидација којашто започна изминатите месеци во партијата – процес на кој интензивно ќе работиме во следниот период. Апелирам граѓаните да излезат масовно на гласање во вториот круг. Битно е избраните градоначалници да имаат легитимитет од што поголем број на граѓани“,
изјави лидерот на СДСМ.
Во однос на изборните нерегуларности за кои претходно денеска алармира СДСМ, Филипче вели дека во текот на утрешниот ден забелешките ќе бидат доставени до ОБСЕ и до Државната изборна комисија.