Македонските власти нема да нарачуваат вакцини од српскиот Институт „Торлак“, кој почна со производство на вакцината „спутник В“. Министерот за здравство Венко Филипче рече дека засега нема потреба од нови нарачки бидејќи имало обезбедено доволно количини. „Торлак“ е единствената фармацевтска фабрика во регионот што има можности за стерилно производство, објасни Филипче, кој додаде дека имал состанок со директорката на Институтот, на кој било посочено дека приоритет ќе бидат граѓаните во Србија, но дека има можноста за соработка и со земјите од регионот.
„Нам во овој момент не ни треба ниту една нарачка повеќе затоа што, според планот како што е димензиониран, имаме обезбедено 2,6 милиони вакцини.“
рече министерот за здравство Венко Филипче.
Филипче најави дека на 28 април се очекува и најголемата пратка вакцини досега од 200 илјади кинески вакцини, а повтори и дека до крајот на месецот ќе стигнат и 20 илјади дози од компанијата „Фајзер“. За денеска Филипче закажал и состанок со градоначалниците на повеќе градови, каде што се планира масовна вакцинација, во Куманово, Штип, Кавадарци, Битола, Охрид и Тетово.
„Согласно расположливоста со вакцините, сега, како што е поставен системот, може да се постигне за многу кратко време, веднаш кога ќе дојдат вакцините на располагање, динамика од 7-10 илјади вакцинации на ден“
изјави Филипче.
Министерот посочи и дека после тој „мини-пик“ од пред неколку дена, денеска има намалување на бројот новодијагностицирани со коронавирусот, со нешто под 900 новозаразени лица, а за продолжување или укинување на рестриктивните мерки проценка ќе се прави за време на викендот и почетокот на идната недела.