Инцидентот со спречувањето на новинари да снимаат во кругот на ГОБ „8 Септември“ се истражуваат, а одлука за забрана на работата на новинарски екипи во кругот на јавни здравствени институции не постои, порача министерот за здравство Венко Филипче на состанок со претставници на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Советот за етика во медиуми на Македонија (СЕММ).
На состанокот, кој се одржал на барање на министерот, Филипче посочил дека не постои одлука од страна на Министерството за здравство да се попречува работата на новинарите, снимателите и фоторепортерите во ниедна здравствена јавна установа.

„Инцидентот што се случил во изминатите денови во „8 Септември“ на кој не им беше дозволено на група на новинари да известуваат од пред влезот и паркингот на оваа болница е изолиран и за истиот се преземаат мерки да се расчисти и да се преземе одговорност од страна на лицата кои директно ја попречиле работата на новинарските екипи“,
рече Филипче.
Претставниците на новинарските организации ја поздравија одлуката на министерот Филипче да се преземат идни активности за решавање на овој случај и додадоа дека само преку заедничка и координирана активност помеѓу министерството и професионалните новинари ќе има гаранции за точни и навремени информации во врска со пандемијата во земјата.
„На денешната средба помеѓу министерот и новинарските организации се надмина претходното недоразбирање, во однос на тоа дали постои формална одлука со која може да се ограничи јавниот простор на кој работат новинарите пред јавните здравствени објекти. Министерот истакна дека новинарите можат и треба непречено да снимаат на сите јавни простори пред болничките установи во насока на професионално известување во однос на пандемијата. Претставниците на ЗНМ, ССНМ и СЕММ пак уште еднаш истакнаа дека новинарите во своите известувања треба да се држат до етичките стандарди, почитувајќи ја приватноста на пациентите или нивните блиски, во склад со јавниот интерес“,
се вели во заедничкото соопштение на ЗНМ, ССНМ и СЕММ.