Министерот за здравство, Венко Филипче, вели дека нема ништо незаконско ниту скандалозно во набавка на кинеските вакцини и ги демантира написите на италијанскиот весник „Ла верита“.
Медиумот повикувајќи се на свои извори, тврди дека причината за враќање на авансот е што зделката требало да се одвива преку фантом-фирма со седиште во Хонгконг, а тоа оставило сомнеж кај официјален Пекинг што, пак, довело до поништување на процедурата.
„Апсолутно демантирам дека тоа е скандал или било што друго. Мислам дека е сериозен доказ дека се обидуваме апсолутно по сите канали да стигнеме до вакцините. Во однос на конкретниот случај после добиените дозволи од кинеското Министерство за здравство укажаа од кинеското Министерство за надворешни работи дека треба да се следи друг канал за набавка и тоа го послушавме и го направивме и затоа сега на некој начин се одолговлече тој процес, затоа се врати уплатата“,
изјави Филипче за Канал 5.
Претходно, премиерот Зоран Заев рече дека не го прочитал текстот на италијанскиот весник, но конкретно за кинеските вакцини посочи дека една од фирмите преку која се обиделе да ја направат нарачката била фирмата мајка на компанијата „Синохидро“, која е ангажирана во земјава за изградба на патишта.
„Негирам какви било лоши намери или незаконско дејствување, зашто во овој период правиме напори да набавиме вакцина по сите можни канали. Јас ја информирав јавноста, и министерот за здравство информираше дека после две недели чекање на активности на кинеската амбасада, ние директно преку ‘Синофарм’ не можевме да добиеме контакт и дадовме нарачки преку приватни компании кои Министерството за надворешни работи не ги потврди и затоа и авансот беше повлечен. Сега очекуваме да стигнат нарачките преку МНР на Кина, односно преку кинеската амбасада“,
рече Заев.
Весникот „Ла Верита“ пишува дека дошол до увид во две писма кои ги испратил министерот за здравство Венко Филипче. Првото, тврди, докажува дека Филипче испратил барање до „Синофарм“ на 25 декември 2020, додека во второто министерот наведува дека би ја ослободил Кина од какви било негативни ефекти од вакцината. Потаму, италијанскиот медиум се осврнува на вратениот аванс тврдејќи дека причината е што набавката се одвивала преку фантом-фирма.
„Причината за ова, според извори на ’Ла Верита‘, е тоа што зделката требало да се одвива преку фантом-фирма со седиште во Хонгконг, која е наведена исто така во сите официјални писма на министерот. Фактот што приватна фирма, која според првичните анализи нема стабилни темели, но има доволно средства депонирани во германската Дојче банк, била вклучена од страна на македонската Влада во посредувањето, оставило сомнеж на официјален Пекинг дека можеби се наоѓаат пред обид за измама и тоа довело до поништување на процедурата“,
пишува „Ла Верита“.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, го нарече ова „уште еден меѓународен скандал и тонење во корупција“.
„Луѓе умираат секојдневно, тие избрале фантом-фирма за посредник за набавка на вакцини од Кина. Наместо на вакцини, се мисли на профит преку фантом фирми. Само еден збор го опишува ова, а тоа е нечовечност“,
рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.