Лидерот на СДСМ вели дека како партија секогаш го почитувале туѓото мислење внатре во членството, додавајќи дека иницијативата за исклучување на Петре Шилегов не е резултат на несогласување со неговото мислење како член на СДСМ, туку, како што рече, за процес на одработување за ВМРО-ДПМНЕ и внатрешна поделба на партијата
Нема да дозволам ВМРО-ДПМНЕ преку разни поединци да ја ситни и да ја дели оваа партија – изјави лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, еден ден откако Извршниот одбор на Социјалдемократскиот сојуз вчера донесе одлука да иницира постапка за исклучување на Петре Шилегов од членството на партијата.

Филипче вели дека како партија секогаш го почитувале туѓото мислење внатре во членството, додавајќи дека иницијативата за исклучување на Шилегов не е резултат на несогласување со неговото мислење како член на СДСМ, туку, како што рече, за процес на одработување за ВМРО-ДПМНЕ и внатрешна поделба на партијата.
„После сите наши проверки на информации стигнавме до тој заклучок. Извршниот одбор таа одлука ја донесе со консензус, никој не гласаше против. Јас нема да дозволам СДСМ да се дели понатаму затоа што имаме работа со криминална и корумпирана власт која ништо не може да направи да го спречи падот на анкетите кој е евидентен. Ваков пад на ВМРО-ДПМНЕ досега немало, а ние имаме раст“,
изјави Филипче на денешната прес-конференција.
Тој ја обвини владејачката ВМРО-ДПМНЕ дека сака да го подели СДСМ за потоа да владее како сака.
„Таква поделба се случи во 2021 година, во 2024 со силна националистичка и лажна кампања, во 2025 година самиот Шилегов кажа дека тој не работел за СДСМ и има и други такви луѓе кои не работеле за СДСМ на изборите во 2025 година. Вие (новинарите) ме прашувавте на што се должат резултатите (од изборите)? Еве, тој ви кажа на што се должат резултатите, такви какви што се. Јас повеќе не го дозволувам тоа затоа што ние имаме сериозна задача пред нас, да се бориме за опстанокот и за европската иднина на државата“,
изјави Филипче.
Додаде дека СДСМ има легитимно избрани органи и тела, а со тоа приказната за Петре Шилегов е завршена.
Извршниот одбор на СДСМ вчера донесе одлука да иницира постапка за исклучување на Шилегов од членството на партијата откако тој во телевизиско гостување претходниот ден најави дека наскоро поголема група социјалдемократи ќе побара оставка од актуелното раководство.
Ексградоначалникот и член на СДСМ, Петре Шилегов, за денеска најави одговор на одлуката на ИО на партијата.
