„Добро е што има процес. Излезе обвинението. Започнува судски процес. Добро е да ја знаеме вистината. Прво да почекаме и да видиме што ќе покаже тој процес“, рече лидерот на СДСМ и ексминистер за здравство
Лидерот на Социјалдемократскиот сојуз и поранешен министер за здравство Венко Филипче денеска соопшти дека не чувствува вина за случајот „Онкологија“ одговарајќи на новинарско прашање за обвинувањата од владејачката партија дека треба да се истражи неговата улога во предметот, како прв човек на ресорот здравство во тоа време.

„Апсолутно не чувствувам вина. Добро е што има процес. Излезе обвинението. Започнува судски процес. Добро е да ја знаеме вистината. Прво да почекаме и да видиме што ќе покаже тој процес. Сепак, на виделина излезе една лажна кампања што ВМРО-ДПМНЕ ја водеше преку анкетната комисија, на која изнесоа лаги и клевети дека во рамки на ингеренциите на Министерството за здравство некои работи не сум извршувал. Јас покажав документи дека тоа не е така, и дека сите обврски се извршувани, дури и во најтешките времиња на ковид“,
рече тој.
Смета дека секој што го прекршил законот треба да одговара.
Од ВМРО-ДПМНЕ веќе неколку дена прашуваат зошто Филипче е изземен од случајот „Онкологија“ и дали знаел дека на Клиниката не се давала онколошка терапија, но и оти се крадела, па дури и завршувала на црниот пазар во Косово.
Основното јавно обвинителство Скопје поднесе две обвиненија за предметот „Онкологија“. Како што соопшти на прес-конференција предметната јавна обвинителка Ана Гоговска-Јакимовска, предметот е поделен на два дела – првиот се однесува на економското работење на Клиниката во кој се опфатени тогашниот медицински директор и организацискиот директор на клиниката, и вториот дел од предметот се однесува на третманот на пациентите и опфаќа четворица лекари онколози.
Пред два дена, Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје поднесе жалба на решението со кое Основниот кривичен суд Скопје определи куќен притвор на поранешниот медицински и на организацискиот директор на ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија Скопје, Нино Васев и Нехат Нухи, двајцата обвинети во предметот „Онкологија“.
Од Обвинителството бараат на двајцата осомничени да им се определи мерка ефективен притвор.