Лидерот на СДСМ и пратеник во парламентот, оцени дека цените на патарините во земјава се неразумно високи и не се споредливи со оние во регионот и Европа
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, реагираа дека цените на патарините за кои Филипче вели дека се високи, се истите од времето на претходната влада предводена од СДСМ
Намалување на цените на патарините ќе биде едно од законските решенија што опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија има намера да ги предложи во Собранието во наредниот период.
За ова денеска информира лидерот на партијата, Венко Филипче, наведувајќи дека законот е дел од поширок пакет мерки за олеснување на трошоците на граѓаните.

„Во следните недели ќе излеземе со предлог на повеќе закони согласно нашите вредносни политики од повеќе области, со што во еден од законите ќе побараме и намалување на цените на патарините, како уште еден механизам да им се излезе во пресрет на граѓаните“,
рече Филипче.
Лидерот на СДСМ и пратеник во парламентот оцени дека цените на патарините во земјава се неразумно високи и не се споредливи со оние во регионот и Европа.
„Вакви цени на патарини во државава нема никаде, ниту во регионот, ниту во Европа. Во високо развиените европски земји годишно се плаќа цена на патарина, користење на патиштата ширум државата толку колку што кај нас чини едно движење од тука до некој од граничните премини, до Гевгелија, на пример“,
рече Филипче.
На неговата најава реагираа од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, од каде што посочија дека цените на патарините за кои Филипче вели дека се високи, се истите од времето на претходната влада предводена од СДСМ.
„Филипче од опозиција глуми социјалдемократ, а на власт се богати од тендери и не му текнува на народот. Замислете Филипче дури сега дознал дека во Македонија се плаќале патарини, ама не му текна дека се истите цени од времето кога тој беше на власт“,
се вели во реакцијата од владејачката партија.
Оттаму се повикаа и на изјави на поранешниот министер за транспорт и врски, Благој Бочварски, кој, според ВМРО-ДПМНЕ, тогаш крајно лицемерно и елитистички им велел на граѓаните ако им се скапи патарините, да се возат по локални патишта.

Нарекувајќи го социјалдемократот од „Тему“ (платформа за онлајн продажба), од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Филипче имал седум години да побара намалување на цените на патарините или во најмала рака да му се спротивстави на неговиот сопартиец Бочварски.
„Она што Филипче треба да го каже е каде одеа парите од патарини во нивно време и во чии џебови завршуваа народните пари“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
